Кој ќе ги учи млaдите генерации по природни науки?

Илустрација - училиште

Од МОН признаваат дека во училиштата има недстиг на наставници по математика, физика и хемија, но тоа засега не го загрозува образовниот процес. Причина за недостигот е што професорите по природни науки може да најдат поплатена професија за својата струка. Кој ќе ги учи младите генерации?

Одделни училишта се жалат дека имаат проблем со наоѓање професори по математика физика и хемија.

Од Министерството за образование и наука признаваат дека има недостиг на наставници по природни науки и наведуваат дека причината е што има се помалку ученици кои ги студираат овие предмети.

„Многу години наназад земјата се соочува со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика...Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високо образовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога – тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи“.

Ова го велат од МОН од каде што дополнуваат дека се случува да се испразни одредено наставничко место во училиште и потоа да не може да се пополни, бидејќи ниту во Агенцијата за вработување не е пријавено лице со таков тип на образование кое бара работа.

Од МОН не наведуваат колкав број на наставници недостасуваат во земјава и како го решаваат проблемот во моментот кога ќе се појави.

Но, според одредени искуства во некои образовни институции каде што на пример фали професор по математика, за тој предмет се ангажира да предава професор по информатика.

Во други училишта проблемот со недостиг се надоместува и со прекувремени часови на некои наставници, но сето тоа може да влијае на квалитетот на наставата.

Се смета дека причина за недостатокот е и што професорите по природни науки може да најдат поплатена професија за својата струка.

Професори во некои училишта велат дека недостасуваат професори по природните науки затоа што отишле да работат во компании или заминале во западните земји.

Кој ќе ги учи младите генерации?

Како што вели Јаким Неделков претседателот на СОНК, образовниот кадар треба да се задржи во нашата земја затоа што се поставува прашањето кој ќе ги учи младите генерации ако нашите образувани професори, наставници и учители си заминат во други земји.

Тој наведува дека со последното покачување на платите на вработените во основното, средното и високото образование од 10 проценти од први јануари што беше договорено на преговорите меѓу СОНК и МОН почетна платата на наставниците во средно образование ќе изнесува 26 илјади денари, а во основно образование 23 илјади денари.

„Тоа е плата во рамки на просечна плата, а сигурно високообразовните наставници чувтсвуваат дека треба да работат во општествени сфери кои се поплатени. Веројатно природните науки се повеќе ценети во други дејности освен во образованието и колегите работат во други компании каде работното место е поплатено. Дел од нив работат во компании од приватниот сектор, дел во странство и ако продолжи така ќе имаме проблем со недостиг на наставници, како што има во Бугарија и Романија и поранешните југословенски републики каде што многу наставници одат на печалба во западните држави“, вели Неделков.

Инаку, во СОНК не водат статистика дали има недостиг на наставен кадар, но нивните сознанија се дека нема прекин на наставата во ниту едно училиште.

Но, од таму наведуваат дека причината за намалување на бројот на студенти на природните науки е и поради нивната специфична тежина, но и неопременоста на лабораториите во училиштата.

„Релативно поголем труд се вложува за да се завршат тие факултети, а спротивно на тоа платата е несоодветна. И како се изведуваат часовите во училиштата за овие предмети, не соодветствува со тековите кои бараат модернизирање на училиштата и соодветни лабаратории и со тоа учениците би имало трајно знаење без да го забораваат“, вели Неделков.

Годинава на Институтот за хемија во Скопје се запишаа 46 студенти од кои за наставна насока само тројца.

Професорката Марина Стефова, раководител на Институтот за хемија вели дека овие професии треба да се негуваат и да се бараат одредедени бенфиции и субвенции за студентите од тие групи за да може студентите да имаат некои поволности, затоа што тие студии се тешки.

„Овие бројки на уписи на наставна насока се вообичаени во последните години и причината се крие во третманот на наставниците во нашата држава. Хемијата не е лесна, а наставничката професија го нема вистинското место во смисла на платите пред се“, вели професорката Стефова.

Од МОН информираат дека за да го поттикнaт студирањето на природните науки во 2016 година имаат воведено стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7. Од таму посочуваат дека квотата на годишно ниво е 105 стипендии и искористеноста е на високо ниво. „Тоа се највисоките стипендии кои ги доделува МОН за студирање на домашните високо образовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво“, велат од МОН.

Инаку, неопременоста на лабораториите и недостигот на кадар беа причина за неодамнешниот протест на професори и студенти од Институтот за хемија во Скопје.

По повеќе од еден месец од протестот во Институтот се уште чекаат одлука и ги дополнуваат барањата со податоци кои им ги побарале од Министерствата за образование и финансии.