Владата бара прочистување на правосудството од нечесните судии и обвинители, а опозицијата обвинува дека премиерот Зоран Заев е кочничар на правосудниот систем. Освен за ситуацијата во судството СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни препукувања и за амнестијата и аболицијата. Уставниот суд треба да расправа за оценување на уставноста и законитоста на членови од Законот за амнестија и Законот за помилување. Со Законот за амнестија беа амнестирани учесниците во настаните во Собранието на 27 април 2017 година, а со Законот за помилување беа помилувани 56 лица во 2016 година, а најголем дел од нив гонети од СЈО.
Премиерот Зоран Заев во видео обраќање денеска порача дека во изминатите две и пол години се покажало дека судството останало последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции.
„Правосудството мора да се прочисти од нечесните судии и обвинители, за да можат, чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните“, порача Заев.
Тој воедно упати повик до Антикорупциската комисија веднаш да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите и да ги утврди и конфликтите на интереси. Тој ги повика и Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите.
Видете и ова: Уставниот суд на чекор до „правно харикири“
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Заев го руинирал правниот систем преку уцени, закани и поткупувања.
„Заев треба да ги тргне неговите валкани раце од правосудството. Заев е кочничар на правосудниот систем во Република Македонија. Откако Заев дојде на власт царува криминалот. Нема подобар пример за функционирањето на Кацарска судството и Русковска обвинителството од начинот на кој што ја водат истрагата за случајот „Рекет“, соопштија од партијата.
СДСМ вчера поднесе барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Целта на барањето, според партијата, е да се спречат најавите да се врати незаконската аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.
„Ова е шанса за пратениците на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да покажат дали се за правда или ќе слугуваат на криминалците. Христијан Мицкоски нека ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Барањето“, наведоа од СДСМ.
Од владејчката партија и денеска го упатија повикот до опозицијата. СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад иницијативата пред Уставниот суд и дека со отворањето на постапка за оценка на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за постапките кои се водат за прислушуваните материјали.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција пак обвини дека Заев и СДСМ ја враќаат темата со Уставниот суд за да не одговараат за актуелните скандали. Тој кажа и дека ВМРО ДПМНЕ ќе ја поддржи секоја иницијатива поднесена во Парламетнот се со цел за да се стави крај на злоупотребата на аболицијата.
„Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски, а кои се плашат од одговорноста за аферите сега, како и еден вид задоцнета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци“, рече Мицкоски.
Тој воедно побара да се направат законски измени со кои ќе се забрани секое лице кое ќе добие амнестија, да се занимава со политика или да врши јавна дејност во државата. Потоа, како што наведе Мицкоски, да се отвори дебата, да се консултира правната фела и да се донесат решенија во насока на забрана за аболиција на лица кои се занимавале со политика.