Законите во земјава пропишуваат строги стандарди за сеизмичка заштита при градење, но во Македонија постои значителен процент на изградени објекти вон законскиот систем на градење, односно таканаречните дивоградби, а постојат и можности за малверзации, велат експерти, коментирајќи ги стандардите за градење во земјава за заштита од природни катастрофи.
Според архитектот Мартин Пановски кој е претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, она што се гради преку системот на добивање градежна дозвола, „и тоа како е проверено“ додавајќи дека законите пропишуваат дури и повеќе отколку во соседните, па и во другите поразвиени земји.
„Е сега колку има малверзации, тоа може да се случи во секоја бранша. Тука, од мое лично искуство, немало, бидејќи дури и самите изведувачи или инвеститори не се толку „будали“ да направат нешто што би ја загрозило безбедноста. Можеби ќе штедат на поевтин паркет, на поевтини плочки или чешми, но во конструкција никој не штедел“, смета Пановски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Коментарите доаѓаат по најсилниот земјотрес што ја погоди Албанија во последните неколку децении, во кој досега бројот на загинати е повеќе од 29 луѓе, а над 650 се повредени од урнатините на бојните урнати објекти.
Македонија, особено главниот град Скопје, во последниве години се соочува со градежна експанзија, каде што секојдневно никнуваат многу згради на мала површина и затоа се отвора прашањето колку се внимава на сеизмичката заштита.
Пановски е со став дека многу се внимава на сеизмичката заштита на градбите во земјава, бидејќи како што објаснува, тоа го бара Законот за градење кој предвидува строги контроли кои се однесуваат на правни и физички лица: прво, проектантот по статика е одговорен за стабилноста на самиот објект, потоа на тоа има ревидент кој го проверува проектот и исто така одговара за неговата стабилност и на крај сето тоа оди во ИЗИИС каде треба да се добие мислење за сеизмичката стабилност на објектот, а дури потоа се аплицира за градежна дозвола.
„Што значи дека имате проектант кој е одговорен и имате два пати проверување. Тоа е и премногу за да се провери, бидејќи сепак треба да знаеме дека проектантите и ревидентите по архитектура и по статика, сите се овластени инженери“, вели Пановски.
Дополнително, додава Пановски, за време на градбата Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) уште еднаш излегува да провери дали се гради согласно проектот, а постојат надзорници на проектот кои ги потпишуваат сите градежни книги и гарантираат дека се гради според проектот.
Сличен став има и претседателот на Групацијата за градежништво Никола Велковски. Тој вели дека граѓаните не треба да се грижат доколку се почитуваат пропишаните постапки за градење: проект од овластени архитекти, ревизија на проектот, потоа добивање согласност од ИЗИИС од сеизмички аспект.
„Ако постапката е така запазена, мислам дека граѓаните треба да бидат мирни, барем за градбите кои ги градиме на територија на Македонија, како поука од нашиот несреќен земјотрес во 1963 година кој го сруши пола Скопје“, вели Велковски.
Во делот на изведбата, вели Велковски, објектите нема да бидат под ризик доколку лиценцирани инженери вршат надзор, а потоа ИЗИИС повторно изврши увид.
„Мислам дека тоа се запазува кај нас во најголем дел, тоа е за сите објекти кои се градени официјално со документација. За оние објекти кои беа легализирани дивоградби, морам да кажам дека не сум сигурен како се градени. Тука треба да се припази како се градат“, вели Велковски.
Во Македонија пред три години имаше низа земјотреси кои се чувствуваа во повеќе делови од земјата, а најсилниот во серијата беше во Скопје со Рихтерова магнитуда од 5,3 степени по што во околината на главниот град настанаа извесни оштетувања на постарите градби.
Тогаш ИЗИИС на терен вршеше проценка на десетици објекти, главно зградите на училишта, факултети, здравствени установи и административни згради. Отаму беше соопштено дека од земјотресите не била нарушена стабилноста на посетените објекти.