Тежок криминал на ВМРО - ДПМНЕ или небулоза?

Илустрација- Митинг на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ пред Владата

Случајот Рекет влегува во судска процедура на 3 декември. Премиерот Зоран Заев вели дека Орце Камчев донирал недозволиво голема сума пари на ВМРО-ДПМНЕ. Генералниот секретар Јанушев вели дека тоа се небулози.

На десетина дена до почетокот на судскиот процес за случајот „Рекет“, во кој, опозицијата, како инволвиран, секојдневно го спомнува премиерот Зоран Заев, тој бара ако има што било поврзано со него да се обелодени.

Заев во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела, отфрла каква било инволвираност во случајот и поврзаноста со сведокот во „Рекет“ Орце Камчев ја насочува кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Испадна дека на крајот тоа што го слушаме од медиумите како разработуваат одредени материјали, дека Орце Камчев којшто е вклучен во ваквиот случај на давањето поткуп, или како што некој вели рекетирањето, испаѓа дека тој давал сериозни донации за ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е влезена во тежок криминал и тоа на последните избори кога се конструирал самиот случај Рекет. Јас би сакал таков вид на истрага да се отвори до крај за да ги видам основите. Како тоа 400 илјади евра, кога законот вели дека правен субјект може да донира до 30 илјади евра. Порано тоа ВМРО-ДПМНЕ го правеше со медиумите, кога должеше три милиони евра”, вели Заев.

Што вели пак извештајот на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори поднесен до Државниот завод за ревизија?

Она што е наведено во документот со датум од 11 септември 2019 година, а потпишан од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев е дека сметката на партијата за претседателските избори е затворена со долг од околу 400 000 евра. Медиумите пишуваа дека фирмите на кои им должи партијата се Полиестер деј за печатење маици и ОК медиа која издава билборди. И двете во јавноста директно или индиректно беа поврзувани со Камчев. Неговиот адвокатски тим пак, тоа го негираше со образложение дека Полиестер деј земала маици од фирмата Монт на Камчев и дека всушност тие им се должници поради што им и испратиле и опомена пред тужба за наплата на долгот.

„Ниту компанијата Монт ниту Орка Холдинг на било каков начин имаат учествувано во предизборната кампања на г-ѓа Сиљановска на претходните претседателски избори“, демантираа фирмите на Камчев.

За ова неколкупати прес конференции држеа од СДСМ. Јанушев во разговор за Радио Слободна Европа на прашањето дали Камчев ја финансирал нивната изборна кампања саркастично вели - не би изненадило СДСМ да праша и дали ВМРО-ДПМНЕ му ги дала парите на Камчев за истите да и ги даде на Катица Јанева.

„Целата ситуација е толку небулозна и надвор од здравиот разум и логика затоа и вака саркастично го коментирам целиот случај“

РСЕ: Значи ги отфрлате тврдењата дека Камчев ве финансирал?

“Секако дека ги отфрлам”, вели Јанушев.

Ревизија во ВМРО-ДПМНЕ

Тој тврди и дека случајот со сметката на ВМРО-ДПМНЕ која ја споменува и премиерот Зоран Заев е манипулација на владејачката партија, а дека тие не сториле ништо нерегуларно.

„Во тој извештај е наведена реалната ситуација а тоа е дека, да, точно е дека постои одреден долг и тоа кон две фирми. Пред да влеземе во изборите потпишан е договор меѓу нашиот претседателски кандидат и ВМРО-ДПМНЕ со кој е регулирано дека ако остане одреден долг дека партијата го презема и понатаму ќе го сервисира. И во овој период откога е затворен извештајот согласно закон ВМРО-ДПМНЕ веќе презема мерки и активности, односно има потпишано спогодби за исплата на долгот кон двете фирми“, објаснува Јанушев.

Она што го спори СДСМ во однос на долгот на ВМРО-ДПМНЕ е поврзано со ставoвите 10 и 11 од членот 71 од Изборниот законик. Во првиот се наведува дека „ сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакционата сметка и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка“. Во ставот 11 пак пишува дека „ трансакциската сметка под став 1 на овој член се затвора во рок од три месеци од денот на објавување на конечните изборни резултати од одржаните избори за претседател“, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе ја има затворено сметката сосе овој долг. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски, пак неделава рече дека кај нив деновиве влегла државната ревизија која прави увид во сметката.