Политичките превирања во Шпанија може со месеци да го пролонгираат и влезот на државава во НАТО. Причината се резултатите од изборите кои дополнително го отежнуваат процесот за формирање на Влада, со што останува неизвесно кога ќе стигне на ред верификувањето на протоколот за НАТО во шпанскиот парламент.
Поранешни македонски дипломати велат дека се можни две сценарија. Песимистичкото сценарио е продлабочување на политичката криза поради неможност да се формира Влада, која би се прелеала и на европско тло. Додека оптимистичкото сценарио е оти сега откако социјалистите загубија дел од гласовите на сметка на десничарските партии, за кратко време може да се постигне договор за формирање на Влада, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.
„Политичките сили во Шпанија се свесни за овој ќорсокак во кој се наоѓа шпанското општество и ќе побрзаат и ќе решат да формираат Влада, па оттаму верувам дека тоа ќе дојде во момент кога и кај нас ќе очекуваме тој парламент да се состане и да изгласаат односно да се ратификува македонскиот прием во НАТО“, вели Зашов.
Видете и ова: Јанкович: Можно е одложување на влезот во НАТО поради Шпанија
Претходно шест месеци социјалистот Педро Санчез преговараше за состав на владата, а по неуспехот распиша избори во очекување да го зацврсти својот мандат. Но, изборите му донесоа три пратеника помалку, како и ослабени позиции на потенцијалните сојузници, на сметка на подобрени позиции на десничарските партии што го отежнува создавањето на коалиција. Ова покажува дека и натаму ќе продолжат политичките превирања и неизвесноста што може сериозно да влијаат врз македонскиот прием во НАТО ако се земе предвид дека претходно очекувањата на македонската влада беа дека во првите два месеца од 2020 година, протоколот ќе биде ратификуван во шпанското Собрание и предаден во Вашингтон. Според проценките на Зашов, за најмногу 3 месеци ќе може да се очекува решение на шпанската криза и формирање на Влада. Тој е оптимист дека до почетокот на изборната кампања во земјава, шпанската ратификација на протоколот ќе биде готова и дека македонското Собрание ќе може да го ратификува приемот во НАТО пред да биде распуштено.
„Не би сакал да верувам дека е можно пролонгирање после тој датум, иако како дипломат кој со години ги следи ситуациите во Европа, мислам дека Македонија често пати се нашла како заложник на некакви ситуации, или кај соседите или во некоја друга европска земја, дека овој пат ќе „испливаме“ од таа ситуација и пред изборите во Македонија ќе има решение за НАТО што би било една награда за сегашнава Влада“, вели Зашов.
Конститутивната седница на шпанскиот парламент кога и да биде нема да значи, по автоматизам, и можност за ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија во НАТО. Потребно е јасно дефинирано мнозинство во парламентот, воспоставување на работните тела на парламентот и формирање влада за пратениците да може да ја истуркаат процедурата за ратификација на протоколот.
Полковникот и шеф на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Зоран Јанкович неодамна во интервју за Радио Слободна Европа, посочи дека можно е да има одредено одложување, односно дека тешко веројатно е дека на декемврискиот самит во Лондон ќе биде во целост верификуван македонскиот прием во Алијансата.
Тој изјави и дека ако се случи одредено одложување, формалното пристапување во Алијансата не мора да се врзува за самит или одреден министерски состанок.
„Вие може да станете полноправна земја членка на НАТО на кој било датум, веднаш откако последната земја ќе го ратификува протоколот“, додаде Јанкович.
Според шпанскиот устав, Владата треба да го достави протоколот за ратификување до Долниот дом на Парламентот каде по комисиско разгледување се доставува на гласање на пленарна седница по што оди на разгледување и гласање во Горниот дом на Парламентот.
Во меѓувреме, се чека и француското Собрание до крајот на годинава да го ратификува протоколот откако тоа го стори Сенатот.