Поплавска со мјузиклот „Боливуд“ како утопистичка бајка за доаѓањето на светлата иднина

Работен по текст и сонгови на белградската писателка Маја Пелевиќ, со оригинална музика на Огнен Анастасовски и во режија и кореографија на Наташа Поплавска, оваа среда на 6 ноември во 20 часот, во Театар Комедија премиерно ќе биде изведен мјузиклот „Боливуд“.

Наташа Поплавска, по исклучително успешните поставки на лиценцираните мјузикли „Чикаго“ во 2015 и „Мама миа!“ две години подоцна на сцената на Македонскиот народен театар, еве ја и со третиот и прв на матичната сцена во Театар Комедија. Таа овојпат следејќи го сопствениот творечки ракопис и потребата за автентичен овдешен, домашен ако сакате продукт, посега по текстот на белградската писателка Маја Пелевиќ - „Боливуд“, кој инспириран од патувањето по Северна Кореја и напишан и режиран од авторката минатата 2018 веќе е хит во Народно позориште во главниот град на соседна Србија.

И, што е интересно притоа Поплавска откако го видела на фестивалот „Нишвил“ летово и потоа радосно добила право да го постави во Македонија, што е уште позначајно добила и можност веќе напишаните и преведени сонгови ( заедно со Наташа Илиевска) да му ги довери на својот долгогодишен соработник, композиторот Огнен Анастасовски Окац и тој да создаде оригинална музика за нив.

Сето тоа се одвивало неверојатно брзо за да во изминативе два месеци благодарение на екипата во која биле и Емил Петро како уметник задолжен за дизајн, Милчо Александров – дизајн на светло, Бојан Угриновски и Томи Анчов – задолжени за аудиото и Љубица Велкова како изведувач на костими, го исправат „Боливуд“ на сцената во својот театар. А, тој чин на креција, пак, би бил невозможен без Сара Николовска и Ана Костадиновска, вокалистки и корепетитори и долгогодишни соработници на режисерката, кои како „вредни кртици“ како што на неколкупати ќе забележи Поплавска, „и тоа како знаат да работат со актерите и од нив да го извадат најдоброто“.

А кога сме веќе кај актерите како „најдиректните виновници“ за мјузиклот да звучи и изгледа онака како што е замислено и се разбира да ја разгали публиката тоа во случајов се: Жаклина Стефковска која несомнено има големо искуство за вакви пеени проекти, Атанас Анастасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски – кој по вторпат е во мјузикл на Поплавска, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сегреј Димоски, најмладиот од оваа екипа на Театар Комедија.

„Ептем сум среќна и задоволна дека успеавме да направиме наш автентичен, современ, македонски, скопски мјузикл. Огнен Анастасовски направи извонредна музика за наш современ, пак ќе речам македонски мјузикл којшто мислам дека ќе донесе една нова млада публика, публика којашто не слуша турбо-фолк и Цеца...којашто слуша некоја друга музика и тоа за мене како творец е најважно. Да можам да делувам на младите онака како што јас како уметник мислам дека треба“, ќе рече во пресрет на премиерата на „Боливуд“ Наташа Поплавска.

Режисерката со појаснување дека Маја Пелевиќ е млада авторка ( родена е 1981 година) и дека дипломирала на Факултетот за Драмски уметности во Белград и докторирала на интердисциплинарни студии на Универзитетот за уметност во нејзиниот роден град. Згора на тоа, таа ќе рече дека нејзините драми меѓу кои се „Кора од портокал“, „Белград – Берлин“, „Јас или некој друг“, „Можеби сме ние Мики Маус“ и „Боливуд“ се поставени и се играат не само во театрите во Србија туку и во странство, а преведени се и на многу други јазици.

Пелевиќ за своето дело е добитничка на повеќе значајни награди меѓу кои и „Борислав Махајловиќ Михиз“ за драмско творештво, наградата „Слободан Селениќ“ за најдобра дипломска претстава во конкуренција на Стеријно позорје и други. Таа е главен сценарист и драматург на телевизиската серија „Утрото ќе промени се“ емитувана на РТС минатата година, а според Поплавска „станува збор за творец налик на нашиот Дејан Дуковски“.

Текстот и музиката на „Боливуд“ се глас на денешното време и мислам дека ќе бидат допадливи. Од друга страна мјузиклот ќе удри и по некоја шлаканица што е важно, здраво за мене. Најважно е дека ние со оваа претстава повторно и повторно, впрочем како и во многу мои други претстави, ја покажува борбата на нас актерите, односно творците ...писателите, режисерите, техниката...сите ние, што сме сè способни да направиме за добра претстава, вели Наташа Поплавска.

Инаку, во своето обраќање до публиката режисерката ќе запише дека „низ бајковидна утопија за доаѓањето на Боливуд во нашиот регион, тие се обиделе да раскажат приказна за сите нас и за она што сме способни, ако можеме да добиеме подобра иднина“. Понатаму истакнува дека „Боливуд, како индустрија за забава и среќа, станува место за ескапизам и подемот на синдикатите, солидарноста и хармонијата, вредности кои ги имаме заборавено во во пост-комунистичкиот период, транзицијата и апсурдното време во кое живееме. Исто така, како што пишува таа, „принудени да заборавиме на нашето минато и да прифатиме се* што ни се нуди, се доведуваме во една инфантилна позиција од која е многу тешко да се излезе“.

„Овој наш боливудски мјузикл гради своја кабаретско-боливудска форма која допира која допира до нашите блиски колективни мемории. Создадовме претстава, мјузикл која по својот израз оди на работ помеѓу Брехт, Боб Фосе и Меејерхолд“, заклучува Поплавска.

Во овој контекст, актерот Жарко Димоски кој веќе го има искуството во домашните мјузикли, ќе рече дека зад себе оставиле еден исклучително плоден процес на работа и креирале претстава во која ја раскажуваат приказната за падот на индустријата, ксенофобијата, незаконската приватизација, лажните светови...и сето тоа низ песна и танц под слоганот „ако нема леб, дајте им колачи“.

Со свои пораки до публиката да го погледне „Боливуд“ и актерите Ева Скендеровска и Сергеј Димовски, а директорот Сашо Ристовски и со уверување дека можеби ова е првиот мјзуикл на сцената на Театар Комедија, „но дефинитивно не и последниот“. Тој и со информација дека по оваа трета премиера и втора годинава со средства од Министерството за култура, тие како ансамбл се подготвуваат и за новиот проект кој како режисер би требало да го работи прочуениот Егон Савин.