Иако кампањата за изборите договорени за 12 април треба да почне на крајот на март, партиите наликува како да се во веќе во трка за глас, а аналитичарите препознаваат кој ќе биде нивниот фокус.
ВМРО-ДПМНЕ сметаат упатените, ќе инсистира на аферите како „Рекет“ со тврдења за инволвираност и на луѓе од власта, за неажурност на обвинителството, а ќе го напаѓа и премиерот за неуспехот во евроинтеграциите и економијата.
„Партиите кога се во опозиција секогаш зборуваат за правна држава, правда и борба против корупцијата и таквиот наратив ќе го има и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Сефер Тахири од Универзитетот на Југоисточна Европа.
ВМРО-ДПМНЕ веројатно на овие избори „ќе се обиде да ја турне под тепих“ темата поврзана со Договорот од Преспа, смета Александар Кржаловски од Македонскиот институт за меѓународна соработка. Но, тој вели и дека опозициската партија нема да може да избега од таа тема.
„Веројатно ќе мора да има одговор од нивната партија за Преспанскиот договор, бидејќи се уште стои нивниот партиски став дека договорот е лош, дека би постигнале подобар, би го промениле и затоа ќе треба јасна изјава во таа смисла, што можеме да очекуваме ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт“, вели Кржаловски.
Инаку, можна најава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да не ја експлоатира толку темата дел од јавноста препозна во одговорот на партискиот лидер Христијан Мицкоски кој на новинарско прашање рече дека зборувале „на таа тема досега и не ја гледал суштината на тоа прашање“.
СДСМ се очекува да се фокусира врз некои работи што ги сметаат за успех во нивното досегашно работење, како на пример минималната плата и приемот во НАТО кој тогаш се очекува веќе да е реализиран. Тахири смета дека на власта не и останува ништо друго освен „да се брани“ и да се обиде да биде искрена дека сепак дел од реформите не ги реализирале.
Кржаловски вели дека и СДСМ ќе имаат прашање кое мора да го одговорат- кој е планот Б за во Европската унија ако продолжи блокадата.
Законот за јазици, формирањето на ансамблот за албански народни танци, вработувањата, приемот во НАТО, пак, се дел од работите со кои ќе се пофали ДУИ, а опозициските партии Алијанса за Албанците и Беса ќе ги критикуваат сите политики на власта, вели Тахири.
„Сепак сметам дека главниот нивен удар ќе биде кон нефункционирањето на правната држава“, вели Тахири.
Според аналитичарите, теми за напади ќе бидат и шпекулациите за инволвираност на функционери на ДУИ во корупција и криминал, остварувањето на правата на Албанците и неуспехот во ЕУ интеграциите.