Туск: Грешка е, не се откажувајте

Европскиот совет ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година. Тоа е единствената реченица во заклучокот од дводневните неизвесни расправии за проширувањето на ЕУ.

Немаше согласност од сите земји членки за почеток на преговори со Македонија и Албанија и на ова прашање ќе се навратиме пред следниот пролетен самит во Загреб, изјави денеска претседавачот на Европскиот Совет Доналд Туск, кој додаде дека неговиот личен став е дека не одлучувањето за пристапни преговори е грешка. Тој истакна дека за оваа ситуација не се виновни владите во Северна Македонија и Албанија, затоа што тие се подготвени за старт на преговори, но како што рече, за жал некои од европските земји членки не биле подготвени за проширувањето на ЕУ.

Тој рече дека Македонија и Албанија направиле се што се барало од нив и оти Преспанскиот договор е извонредно достигнување, но, иако големо мнозинство од членките сакале, „неколку земји“ не биле подготвени да дадат датум за преговори. „Лично мислам дека тоа е грешка“, рече Туск, воздржувајќи се од понатамошни коментари.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ не го одржа ветувањето

Тој испрати порака до Македонија и до Албанија: „Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, зашто вие го направивте вашиот дел, а ние не. ЕУ е комплексен политички субјект и навистина понекогаш ѝ треба предолго да одлучи, но апсолутно немам сомнеж дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ“, рече Туск.

На новинарското прашање дали ова е неуспех ЕУ да ги исполни своите обврски и ветувања Туск изјави дека тоа треба поинаку да се толкува.

Не е неуспех, грешка е, се чувствувам засрамено. Не за да им помогнам или да ги бранам македонската или албанската влада, туку така се чувствувам по вчерашната дискусија. Двете држави го положија испитот, но не можам да го кажам истото за земјите членки“, изјави Туск.

Инаку, нема суштински туку само технички заклучоци поврзани со проширувањето на ЕУ, во кои се вели дека Советот ќе го разгледа прашањето до Самитот ЕУ – Западен Балкан во мај во Хрватска.

Претходно на прес конференција зборуваше и германската канцеларка Ангела Меркел, која истакна дека иако мнозинството земји сакале да одобрат старт за преговори за двете земји со Унијата, и дека работеле напорно за тоа да се случи сепак на тоа прашање ќе мора да се навратат подоцна.

„Франција Данска и Холандија се земјите кои изразија резерви,и прашањето за можните последици беше дискутирано, како и за ефектите кои ќе ги има. Ќе работиме напорно за да останеме во тесен контакт со овие земји за импактот да биде што е можно помал. Зборував со Зоран Заев денеска на телефон и како што рековме планираме да се вратиме на темата. Од страна на Франџузите беше изразена желба пристапните процеси да се развијат и да бидат потранспарентни,“ рече Меркел на прес конференцијата.

На прашањето зошто Меркел не го поддржала барањето за раздвојување на Северна Македонија од Албанија, со цел зголемување на притисокот врз Франција, таа одговори дека кога ќе се тргне проблемот со спорот со името кое доста години ја блокираше државата ќе видите дека и Северна Македонија и Албанија заедно многу постигнаа и во другите реформи кои ги баравме од нив.

„Што се однесува до Северна Македонија мора да признаеме дека тие завршија голема работа во врска со спорот со името за деблокирање на ситуацијата, тие се пред членство на НАТО“, зборував за отворање на пристапни преговори, но за Албанија кога зборуваме за далекусежните мерки, многу други земји од Западен Балкан се далеку од тоа. Албанија направи многу, но не беше доволно за да отстапат од позицииите, така што се согласивме дека ќе останеме на темата, изјави Меркел.

Францускиот претседател, Емануел Макрон по самитот на кој лидерите на ЕУ не дадоа датум за преговори на Македонија и Албанија рече „

Нема да има проширување на ЕУ, додека Унијата не се реформира“.

Тој вели дека полноправното членство во ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на Унијата. За ова прашање синоќа имале долга расправа.

„Разговаравме за визијата на секој од нас за Европа, јас не сметам дека проширувањето е единствената политика кон соседството“, рече Макрон и додаде дека ЕУ не функционира каква што е сега.

Тој вели дека со соседните земји на ЕУ треба да се има стратешка агенда, но дека не мора тие нужно да бидат идни земји членки на ЕУ.

Макрон повтори дека има потребата од реформа на преговарачкиот процесот и бара тој да може да се стопира.

Хрватската влада на својот официјален твитер профил соопшти дека во овој контекст состанокот во Загреб ќе стане уште поважен.

„ Тој ќе се случи во време кога што и како во следната деценија и со која порака ќе одиме кон југоисточна Европа. Сметаме дека тоа подрачје нема друга иднина освен да биде дел од Европската унија,“ пишува во твитот на хрватската влада.

Реакции за недоделувањето датум за преговори

Откако стана јасно дека нема да има отворање на пристапни преговори со Скопје и Тирана не стивнуваат реакциите од странските политичари кои недвојбено изразуваат разочарување и предупредуваат на одговороност за можна дестабилизација.

Видете и ова: Реакции за датумот- разочарување, жалење, отворање врата за Москва и Пекинг

Изминатава недела помина во тензична и неизвесна атмосфера по долгочасовните обидувања на лидерите да го убедат францускиот претседател Емануел Макрон да се согласи за отпочнување на преговорите за Северна Македонија и Албанија. На денешниот исход му претходеа долготрајни консултации за можната формулација која ја предложија Франција Германија и Холандија заедно со претседавачот на Европскиот Совет Доналд Туск. Нивниот предлог заклучок значеше одложување на одлуката за датум до април, што наиде на отпор одгрупа земји-членки на ЕУ, предводени од Словенија и Малта и поддржани од Бугарија, кои синоќа го блокирале предлог-заклучокот, за одлагање на одлуката за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија за на пролет.