Косовската опозиција го победи „военото крило“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Опозицијата победи на изборите во Косово

Опозициските партии победија на предвремените избори во Косово, со што најверојатно ќе ја преземат власта од поранешните герилци, кои доминираа во политиката во изминатата деценија. Левичарско-националистичката Самоопределување е на првото место со над 26 проценти од гласовите, нешто пред центристичката Демократска лига.

Разочарани од широко распространетата корупција и сиромаштијата, гласачите и нанесоа сериозен удар на владата во заминување, предводена од поранешните борци за независност од војната на Косово во 90-тите години од минатиот век.

„Ние не победивме. Ја прифаќаме пресудата на народот и Демократската партија на Косово оди во опозиција“, призна Кадри Весели, чија партија е врзана со претседателот Хашим Тачи и е на власт од 2007 година.

„Косовската Демократска партија ќе биде во опозиција, но ние ќе продолжиме да им служиме на нашата нација и држава“, додаде тој.

Со тоа што никој нема апсолутно мнозинство, опозиционите партии ќе треба да се обединат за да и го запечатат местото на Демократската партија во опозиција.

Видете и ова: Излезност од 44 отсто на изборите во Косово

Тие малку се преклопуваат идеолошки, но веќе сигнализираа интерес за здружување на силите.

„Ќе им понудам рака на соработка како премиер на Косово за да ја крунисам промената“, рече лидерот на Самоопределување, Албин Курти, наведувајќи:

„Веруваме дека вистинската демократска промена доаѓа кога опозицијата ќе стане влада. Опозицијата победи убедливо и оваа победа и промена беа предводени од движењето Самоопределување и јас како нов премиер на Република Косово“.

Во меѓувреме, кандидатот за премиер на Демократската лига Вјоса Османи, рече дека верува оти партиите „ќе седнат и ќе зборуваат за коалиција“.

Курти, кој најверојатно ќе има задача да ја формира владата ја стекна славата како студентски активист, протестирајќи против српската репресија во 90-тите години.

Овој 44-годишник стана строг критичар на политичката елита на Косово и неговото место како премиер ќе претставува нова ера за младата демократија. Арди, студент од Приштина вели:

„Чекавме долго време за победа на Самоопределување, и тие се единствените што можат да донесат промена во Косово. Тие се голема промена и голема надеж за младите луѓе, за нас да видиме иднина овде“.

Видете и ова: Вучиќ изненаден од назначувањето на Гренел за претставник на Трамп во српско - косовските преговори

Валон Јонузи, вработен во јавната администрација кој ја прославуваше победата на Самоопределување за лидерот на ова движење Албин Курти вели:

„Тој е единствениот кој може да го води овој дијалог и да обезбеди конкретни резултати со Србија. Ние сакаме политичар кој знае кој е жртвата а кој беше угнетувач, а Албин Курти е таа личност“.

Покрај решавање на низа социјални и економски проблеми дома, новите лидери сега ќе бидат под голем притисок од Западот за решавање на „замрзнатиот конфликт“ меѓу Косово и Србија.

Двете страни допрва треба да ги нормализираат врските две децении по конфликтот.

Нивниот дијалог предводен од ЕУ е во застој повеќе од една година, поради честите дипломатски провокации.

Десет од 120 места во косовскиот парламент се резервирани за етничките Срби кои според изборните резултати ги доби Српската листа. Уште десет места се за другите малцинства.

Вчерашните предвремени избори беа свикани откако екс-премиерот Рамуш Харадинај во јули поднесе оставка за да се соочи со сослушување од специјалниот суд во Хаг, кој ги истражуваше воените злосторства во 1998-1999 година.