Достапни линкови

Излезност од 44 отсто на изборите во Косово


Гласање на изборите во Косово
Гласање на изборите во Косово

Гласањето на предвремените парламентарни избори во Косово заврши во 19 часот со излезност од 44 проценти. На изборите учествуваа околу 25 политички субјекти, од кои 20 партии, четири кoалиции и еден независен кандидат.

На предвремените парламентарни избори во Косово својот глас го даадоа околу 44 отсто од избирачите по пребројани над 99 проценти од гласовите, според податоците на Централна изборна комисија. Изборите поминаа без поголеми проблеми.

Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаа 1.937.868 лица. На изборите учествуваа околу 25 политички субјекти, од кои 20 партии, четири кoалиции и еден независен кандидат. За 120 места во косовскиот Парламент се натпреваруваа 1.068 кандидати. За гласањето акредитирани беа околу 33 илјади набљудувачи.

„Гласањето беше многу лесно, но да видиме што донесат нашите гласови“, изјави 46-годишниот таксист Авди Морина, откако го даде својот глас во спортска сала во Приштина.

Пензионираниот доктор Мухарем Бајрами по гласањето во Приштина истакна дека гласачите сакаат „благосостојба и работа за младите луѓе“.

Косовската полиција соопшти дека привела четири лица во Северна Митровица, поради непочитување на законите во текот на гласањето на предвремените парламентарни избори во земјата. Во едно гласачко место, како што наведоа од полицијата, се приведени претседавачот на комисијата и лицето задолжено за идентификување на гласачите. Според полицијата, приведените дозволиле гласање спротивно на правилата. Додека две лица се приведени поради обид да гласаат со фалсификувани косовски лични карти.

Гласање на изборите во Северна Митровица
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:31 0:00

Во кампањите на политичките партии доминираа прашањата за корупција, висока невработеност и лоши односи со соседна Србија. Изборите беа распишани по оставката на премиерот Рамуш Харадинај во јули, откако обвинителите за воени злосторства во Хаг го повикаа на испрашување во врска со неговата воена улога како командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Харадинај се кандидира за Алијанса за иднината на Косово (ААК) и се промовираше како искусен „државник на 21 век“. Кандидатот на ЛДК е Вјоса Османи, која е единствената жена во трката, потоа претседателот на ПДК Кадри Весели, кој како претседател на парламентот го распушти законодавниот дом за да постави сцена за овие избори. Фатмир Лимај, вицепремиер во коалицијата во заминување и лидер на Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) и Албин Курти, лидер на националистичката партија Самоопределување, која користеше екстремни методи како фрлање солзавец и шишиња со вода во парламентот, во знак на протест против договорите со Србија.

Сите кандидати освен Османи се поранешни припадници на Ослободителната војска на земјата, која се бореше против српските власти во војната на Косово во периодот 1998-1999 година. Десет места во Парламентот се резервирани за етничките Срби, а други 10 се издвоени за другите малцинства, вклучително и етнички Турци и Роми.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG