Партизирани државни претпријатија, висок ризик за корупција

илустрација

Партизираноста на раководните структури на државните претпријатија го зголемуваат ризикот од корупција и злоупотреби во нив, велат упатените откако истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се партиски кадри

Отсуството на јасна и транспарентна постапка за селекција на членови на раководните органи во државните претпријатија отвара голем простор за волунтаризам, политичко влијание и поставување на несоодветен кадар во државните претпријатија чии годишни приходи се 800 милиони евра. Ваквите наводи од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, a кое се однесува на изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија упатува на заклучокот дека политичко влијание врз членовите на одборите го зголемува ризикот од корупција во нив.

„Партизираноста и очигледното политичко влијание врз раководните структури на претпријатијата можеме да го третираме како зголемување на ризикот од корупција и злоупотреби во овие државни претпријатија, што ако го надополниме со нашите претходни наоди кои се однесуваа на ниската транспарентност и отчетност на претпријатијата секако дека се состојби на чие надминување мора да се работи доколку сакаме да бидеме сигурни дека парите навистина се трошат во интерес на јавноста, а не за лични или партиски интереси“, вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето покажало дека Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат. Со други зборови, не се објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати. Загрижува тоа што како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан итн.

„Клучната препорака се однесува на тоа да се донесе подзаконски акт во којшто прецизно ќе се пропише процесот на селекција на членовите на раководните органи на државните претпријатија, со тоа што минимумот кој ќе треба да се обезбеди е процесот да биде транспарентен за целата јавност и самиот избор да започне со објавување на јавен оглас, за да можат сите компетентни да аплицираат на повикот и понатаму да се дефинира цела една постапка која ќе овозможи вистинските луѓе да бидат на вистинско место“, вели Факиќ.

Видете и ова: Роднинско партиски вработувања со спорни критериуми

Универзитетскиот професор Темелко Ристевски вели дека ангажманот на лицата кои се членови во раководните структури на претпријатијата треба да се базира на нивната компетентност, а не на партиските заслуги.

„За жал кај нас се гледа кој бил верен на владејачката гарнитура и не се води сметка за стручноста. Не треба да се бега од компетентни луѓе. Тие треба да имаат предност, а не политичко подобните луѓе. Механизми за спречување на овој тренд има, но политичка волја нема“, вели проф. Ристевски.

Изборот на партиски кадри за членови на раководните структури во претпријатијата го зголемува сомнежот дека истите ќе работат непрофесионално,тврди универзитетската професорка Арта Биљали од Тетовскиот Универзитет.

„Изборот на партиски кадри за членови на надзорните и управните одбори во претпријатијата не е во ред, затоа што не им овозможува нивната задача да ја вршат во согласност со законите. Ако тие се избрани без јасни критериуми на тоа место, секогаш ќе се во служба на лицето кое е на чело на институцијата и ќе настојуваат да ги исполнат желбите и целите на лицето кое ги поставило на таа позиција“, вели професорката Биљали.

Видете и ова: Вработувања во државни компании само за блиски до власта

Според истото истражување, со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија. Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење. Висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија.

Центарот за граѓански комуникации веќе објави и истражување за транспарентноста на претпријатијата кое покажа дека се објавуваат само 28 проценти, од потенцијалните 100 насто од информациите кои треба да бидат објавувани. По истражувањето за партизацијата на раководните структури, следува уште едно, кое ќе се однесува на финансиските резултати од работењето на државните претпријатија.