„Владата го усвои Предлог-законот за Јавно обвинителство и го испрати на усвојување во Собранието со европско знаменце и по скратена постапка“ – објавува Нова Македонија. А, Независен на насловната најавува: „Додека Заев и Мицкоски лицитираат со наследници на Јанева – Хан денеска ќе праша што се случува со СЈО“ – најавувајќи ја посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје. Објаснувајќи го детално предлог-законот за ЈО, истиот весник оди со наслов: „СЈО ќе стане историја, ама не и случаите од ’бомбите‘“, акцентирајќи дека токму ова е една од клучните точки околу која се кршат копјата меѓу власта и опозицијата, со оглед на барањата на ВМРО-ДПМНЕ да се поништат сите случаи што СЈО ги отвори или покрена обвиненија по 30 јуни 2017 година. Порталот на овој весник ја објавува и изјавата на премиерот Зоран Заев: „Прифативме многу препораки од опозицијата, можно е решение за Законот за ЈО“.
Видете и ова: Законот за Обвинителство услов за датум во октомвриВечер пренесува делови од брифингот за новинари во опозициската партија. „Русковска не може, компромис за друго име, па избор од Советот на јавни обвинители“ – гласи еден од насловите.
Електронските изданија на печатените медиуми пренесуваат поенти од интервјуто на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски за Сител ТВ.
Вечер, Независен и Слободен печат во наслови ги вадат неговите зборови: „Ако Русковска е предлогот на Заев, зошто не го прифатат предлогот на опозицијата судијата Панчевски да биде на чело на новиот обвинителски оддел?“ Притоа, Независен и Слободен печат потсетуваат дека поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски неодамна е суспендиран поради злоупотреба на АКМИС системот.
Нова Македонија ја пренесува изјавата на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села кој бара јавниот обвинител да биде експерт од странство.
Порталите ја пренесоа изјавата на Катица Јанева, која по депонираната оставка и една недела непојавување во јавноста по откривањето на случајот ’Рекет‘ излезе на прес-конференција: „Јанева негира каква и да е поврзаност со случајот ’Рекет‘“ – наслови Нова Македонија, а Независен насловната ја посветува на нејзините зборови: „Јас сум чиста!“
Вечер објавува кој сè бил вработен од блиски и роднини на Катица Јанева и на поранешниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски во СЈО: „Кој нè чува од чуварите – И ќерката и внукот на Сашо Василевски вработени во СЈО, како и снаата на Јанева“ – објавува Вечер.
Независен пренесува дел од интервјуто на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов за Канал 5: „Бугарија се откажа од номинацијата на Орце Камчев за почесен конзул“.
Видете и ова: Јанева: Некој со сите сили настојува да го урне СЈО„Владата во директна борба против лажните вести“ и „Владата отвори фронт за борба со дезинформациите“ – насловуваат Нова Македонија и Слободен печат, информирајќи за пресот на премиерот Заев на кој го претстави предлог-планот за одлучна акција против ширењето дезинформации.
Хелсиншкиот комитет во земјава излезе со информација дека минатата година е регистриран досега рекорден број дела од омраза, а бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64 отсто од сите регистрирани, информира од пресот на Хелсиншки, Нова Македонија. Загрижувачко е што трендот на зголемување на регистрирани инциденти сторени од омраза продолжува, најмногу меѓу малолетни лица/младинци, припадници на македонската и албанската националност, предупредуваат од Хелсиншки комитет. Според претседателката Уранија Пировска, Јавното обвинителство и судовите не ги третираат соодветно нивните пријави, со што не испраќаат порака дека државата се справува со овие дела, додава Нова Македонија.
Сите портали објавуваат дека Борис Џонсон е новиот британски премиер, дека функцијата му ја честитал рускиот претседател Путин, и дека „Пеколните горештини продолжуваат во Европа – историски рекордни над 38 степени измерени во Белгија и Холандија, а во Франција 42 степени под сенка“.