Премиерот Зоран Заев очекува ЕУ да си го одржи зборот и во октомври Македонија да добие датум за почеток на преговори. Еврокомесарот Јоханес Хан е уверен дека во октомври земјата ќе добие зелено светло и, како што вели, сега е време ЕУ да ги испочитува обврските. На заедничката прес-конференција во Скопје, Хан рече дека она што е клучно за октомври е да се усвои Законот за Јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеење на правото.
„За да се осигуриме дека работата на случите ќе биде во делот на Специјалното јавно обвинителство, ова е од особена важност за земјата. Сите партии и државни тела ќе мора да продолжат да покажуваат одлучност да му дозволат на владеењето на правото да преовлада. Мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал. Земјите-членки го следат овој процес одблиску, но пред сè тоа е за доброто на граѓаните“, рече Хан, кој за себе вели дека веќе станал фосил во ЕУ, оти и по трет пат е номиниран од својата земја за еврокомесар.
Тој вели дека за нив, во врска со Законот, има само неколку црвени линии, а најважно е во секое решение да се земе предвид дека не може во транзициската фаза да има изгубени случаи.
„Никој не смее да биде амнестиран поради неспособноста да се исполнат одредени рокови. Тоа мора да биде гарантирано. Ние така го гледаме владеењето на правото“, рече Хан, одговарајќи на новинарско прашање.
Еврокомесарот вели дека судскиот систем мора да работи според правилата и тоа мора да го почитуваат сите.
Хан на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев изјави дека земјата заслужила да почне преговори, оти многу направила со договорите со Бугарија и со Грција и жали што тоа не се случило во јуни и што земјите членки сè уште се немаат одлучено за отворање на преговорите.
Заев вели дека новиот Предлог-закон за Јавно обвинителство е резултат на компромис, а земени биле предвид и забелешките на опозицијата. Сега Парламентот е место каде сите пратеници ќе имаат можност да ја дефинираат финалната верзија на Законот, вели тој. Премиерот додава дека последните случувања во земјата сведочат за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
„Пораката е никој не е привилегиран, никој нема да биде амнестиран, сите се еднакви пред правдата и затоа и понатаму го охрабруваме Јавното обвинителство да ја продолжи постапката во случајот Рекет, без разлика до кого ќе стигне“, рече Заев.
Хан се среќава и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На агендата е средба со претседателот Стево Пендаровски.