Скопје на 39 степени, па лето е

Фонтаната во центарот на Скопје

Како што предупредуваа и претходно метеоролозите, по топлиот понеделник во Скопје пристигна уште пожешкиот вторник, а тоа е само почеток на серијата топли бранови кои се најавени за ова лето.

По повеќето денови со врнежи на скопјани им пристигна познатото сончево и жешко лето и изгледа дека во него лесно се снаоѓаат затоа што се навикнати. На прошетка низ градот повозрасните одат рано наутро, а лековите ги земаат редовно. Високите температури кои неделава се качија дo 39 степени, како што велат некои граѓани, не се неочекувани за жителите на Скопје, и секој од нив има свои мерки на претпазливост кои, според искуството на граѓаните, функционираат.

„Жешко ни е дома. Сме со вентилатори. Надвор приквечер на кејот или во парк. Само море е спас и тоа е тоа“, вели младиот скопјанец Милош Митиќ.

„Лето е, природно е, топло е, се снаоѓаме, кој има викендичка оди таму, дома се тушираме почесто. Секогаш било топло во Скопје, но убаво е“, вели една скопјанка.

„Поубаво би ни би ни било на море, ама .. ако не 10 дена, барем 3 дена ќе одиме и ќе се разладиме.“

„Многу потопло е. Ама ние сме научени, јули и август се топли периоди до 40 степени, некогаш и повеќе. Дома со клима, до 12 часот се движиме, а после се повлекуваме. Не е препорачливо околу 14 часот да се движиме по сонце, топлиот бран ја зафати и Европа не само Балканот, а ние сме деца на сонцето“, велат дел од граѓаните.

Но, има и се повеќе граѓани кои се жалат дека последниве години чувствуваат дека сонцето поинаку грее. Скопјани во најтоплите делови на градот, како во центарот, спас од жештините сè почесто бараат во климатизирани простории, каде што температурите се за над 10 степени пониски, но кога ќе излезат надвор забележуваат дека природни сенки се помалку може да се најдат. Некои како одбрана од топлото се разладуваат во познатата градска фонтана или во паркот „Жена борец“.

„Јас сакам топло, нека биде вака, мене не ми пречи, но не е убаво сонцето, не е како порано. Внимаваме со соодветни наочари, облека, сонцето не е тоа што беше порано. Нема зеленило и многу жалам одамна немам поминато низ центар и тоа е страшно, жално е што нема дрва“, вели една граѓанка.

„Прирoдни сенки многу значат ако не се и тие - тешко, вака колку толку зема човек здив. Паркот „Жена борец“ е еден и единствен дел во центарот каде што има дрвја и клупи и има каде да се седне, а на друго место е катастрофа. Треба да се зазелени централното подрачје. Лето е има и постари и млади и за деца“, ни изјави Сашо Дуковски од Скопје.

Луѓето кои поради дневни активности мораат да поминуваат низ улиците во центарот од топлото се бранат со отворени чадори со кои се шетаат под сонцето. Но, најнепријатно им е на оние кои работат под отворено небо, како градежните работници. Врелите летни денови ги поминуваат работно и продавачите на отворено и младите улични свирачи кои спас од температурите бараат во заминувањето некој час порано, избегнувајќи работа во најтоплиот дел на денот меѓу 14 и 16 часот.

„Од 10 до 12 часот е добро и после дома. Навикнат сум на топло, гледате и долги панталони имам“, вели младиот Стефан Павлевски кој свири на гитара пред влезот на Градскиот трговски центар.

Слични се искуствата и на други граѓани кои продаваат на отворено.

„Ќе поседам два до три саати и толку, до 12 седам и крај. И да сакам да седам нема луѓе не се издржува на жешките“, вели Петар Благоевски кој продава сламени торби.

Топло е и пред отворениот пулт за книги каде влијанието на јулските температури сега се чувствува сè поизразено, поради сè позбиената градежна инфраструктура,

„Како можам да се разладам освен да пијам вода, нема друг начин. Доаѓам на работа рано и си одам доцна заради топлината. Многу тешко сe продаваат книги, луѓето тешко се движат, а и генерално слабо се продаваат книги“, вели една скопјанка.

За да може граѓаните полесно да ги поднесат високите температури на локации на кои се поставени летни тераси на кафулињата има вентилатори и прскалки со вода.

„Тешко е за работа на 30 степени. Жешко е деновиве, дојде лето. Под клима, вентилатори, под сенка. Пиво најмногу се пие ладно, тоа се продава, и студена вода“, вели Николче Спасовски, врaботен во угостителски објект во центарот на градот.

Лекарите им советуваат на граѓаните да земаат што повеќе течности, лесна храна и избегнување на кафе и алкохол. Тие препорачуваат и носење лесна пријатна облека од природни материјали, а при излегување надвор неопходни се шешир или капа. A како и секогаш во вакви топли денови најтешко им е на хронично болните и на постарите лица, меѓутоа повеќето се придржуваат до советите на лекарите.

„Досега не, ама годинава првпат чувствувам старост и непогодна врска со времето. Tешко е. 78 години наполнив. По потреба излегувам. По лекови бев“, вели еден скопјанец.

Метеоролозите предвидуваат дека топло ќе биде уште некој ден, а кон крајот на неделата температурата ќе падне и полесно ќе се дише, се до понеделник кога повторно ќе има зголемување на температурите.