За неконтролираното трошење вода потребни се казни, но ние тоа не можеме да си го дозволиме оти немаме законски надлежности, велат од „Паркови и зеленило“. Во деновите на високи температури во секоја населба има обилно залевање на зелените површини со вода од градскиот водовод и може да забележат луѓе како со водата од градскиот водовод полеваат дворови, перат автомобили и ги мијат улиците. Од претпријатието кое се грижи за зелените површини и кое стопанисува со хидрантите пред заградите, велат дека и покрај предизвиците немаат мерки да го спречат тоа.
„Чуварската служба на ЈП Паркови и зеленило сторителите кога ќе ги затекнат на лице место неовластено да ја користат парковската вода може само да ги опоменуваат. Оние кои казнуваат се комуналните инспектори“, вели портпаролот Елизабета Георгиевска.
Таа апелира комуналните редари на Град Скопје повеќе да се активираат и да пријавуваат случаи на приклучување на градската и хидрантската мрежа која е во надлежност на Паркови и зеленило.
Но, од Градот велат дека немаат таква надлежност и одговорноста ја префрлаат кај „Водовод и канализација“. Од таму ни рекоа дека набавиле возило за откривање и истражување на загубите на вода и оти се испитува состојбата, за да знаат кои се слабостите на мрежата и да ги отстранат. Проблемот е во тоа што за полевање се користи вода од изворот Рашче, а не техничка вода.
Дел од граѓаните реагираат дека е потребна поголема свесност за проблемот.
„Живеам накај Чаир, жените што се дома претежно, цел ден се со цревата, улиците ги перат и дворовите. Совеста кај граѓаните треба на повисоко ниво да биде.“
„Институциите или Градот тоа треба да го направат, да инсталираат техничка вода за тие намени“, велат анкетираните граѓани.
Дека има потреба од поголема совесност во трошењето на водата потврдуваат и вработените во Паркови и зеленило кои секој ден се на градските тревни површини во центарот и со полевање го одржуваат зеленилото и цвеќињата.
„Секоја капка сакаме да биде во паркот, да ја употребиме за да опстане паркот. На оваа суша мораме да настојуваме. Ама попладне кога ние си одиме тие тоа го прават. Перат теписи. Нека има кампања на телевизија или радио, 20 проценти да прифатат, па утре уште 20 ќе се намали појавата“, велат вработените во Паркови и зеленило.
Но, има и примери кога има и реакции и во некои населби како оваа во скопски Чаир каде надлежните наместо тревата ги полеваат тротоарите, коментираат некои граѓани.
„Тревата е сува, а прскалките се насочени кон плочниците. Со казнување нема ништо да се постигне зошто надлежните, пред се надлежните органи ги пуштаат прскалките“, вели анкетираната граѓанка.
Таа оценува дека доколку почне да се применуваат казни тогаш цената треба да ја плаќаат многумина.