Џафери - Не може да сонуваме за Европа, а да работиме македонски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Џафери: Власта не ги спроведува законите за животна средина

Државата нема доволно капацитети за спроведување на законите, препораките и конвенциите кои ги има потпишано за заштита на животна средина. Кога ќе започнат преговорите со ЕУ, тогаш условот ќе биде јасен дека мора да се направат овие работи и дека мора да се почитуваат и конвенциите. Не може да сонуваме за Европа, а да работиме македонски. Тоа е голема забелешка од страна на ЕУ, вели Аријанит Џафери од Еко-герила во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Џафери, како го оценувате активизмот на граѓанските организации во земјава во моментов за прашањата за животна средина? Има ли доволен притисок врз власта за решавање на проблемите?

Мислам дека моментално нема толку притисок врз власта за решавање на проблемите од животната средина и мислам дека ова можеби е и резултат на отвореноста на актуелната власта кон граѓанските организации. Значи, поотворена е за редовни комуникации, за вклучување на граѓанските организации во донесување одлуки, во изградба на стратегии итн. Сепак, мислам дека ова колку и да звучи убаво и демократски, понекогаш е штетно, поради тоа што ние навистина имаме можност и право да го кажеме тоа што го мислиме, но што се случува понатаму, тоа е големото прашање. Не секогаш нашите предлози, сугестии или идеи се прифаќаат и се исполнуваат на каков било начин. Значи, имаме отвореност со тоа што да, можете да кажете што сакате и сакаме да слушаме од вас, браво, одлични идеи, но што понатаму? Кога доаѓа до спроведувањето на тие предлози, идеи или стратегии, тука имаме голем проблем. Не само со овие предлози или идеи што ние ги препорачуваме, исто така имаме проблем и со законите, кои се многу добри закони за животна средина, но не се спроведуваат како што треба.

Зимскиот период во земјава повеќе години е практично неподнослив поради екстремно загадениот воздух. Тетово е еден од најзагадените градови во Европа. Очекувате ли дека нешто ќе се промени до следната зима?

Ние како организација Еко-герила почнавме со нашите активности во 2013 година кога Тетово беше најзагаден град во светот. Тоа траеше и следната 2014 година, и во 2015 бевме на таа топ позиција и јавноста веројатно е запознаена со случајот Југохром, една голема фабрика која работеше без филтри и многу загадуваше. Да не ја заборавам и дивата депонија од влезот на Тетово како едни од најголемите проблеми за градот. Откако се затвори Југохром и откако се дислоцираше дивата депонија од влезот на градот загадувањето на Тетово се намали за значителни 60 проценти, според мерењата на Министерството за животна средина кои ние ги следиме. Сепак, тоа не значи дека Тетово има почист воздух, Тетово има помалку загаден воздух. Затоа треба уште многу работи да се направат за да стигнеме до тој многу посакуван чист воздух. Ние мислиме дека има можност, еве гасификацијата ќе придонесе во голем дел со тоа што повеќето јавни институции, но и домаќинствата, зависно колку ќе трае изградбата на секундарната и терцијарната мрежа, кога ќе се вклучат институциите и домаќинствата на таа мрежа за греење ќе има помалку емисии на штетни гасови. Второ во Тетово е што нема јавен превоз. Уште во 2013 година, кога градоначалничката Теута Арифи се кандидираше за првиот мандат, ветуваше дека ќе се организира ефикасен и зелен јавен превоз, до ден денеска тоа го нема, граѓаните насекаде треба да се движат со своите коли. Исто така и чистењето на улиците од прашина. Може да зборуваме и за урбаниот хаос, за градежната експанзија, која за лоша среќа се концентрира во централното подрачје на градот, така што сите овие проблеми допринесуваат кон загадувањето на воздухот, но за сите овие проблеми има решение, само дали има волја од надлежните во централната и локалната власт.

Го споменавте извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во однос на условите на ЕУ. Владата очекува и почеток на преговори со ЕУ, а тоа значи и отворање на поглавјето 27 за животна средина. Каква е вашата оценка за капацитетите на државата за исполнување на обврските кои произлегуваат во областа на животната средина?

Она што Европската унија го наведува во извештајот е реално и на терен. Администрацијата, односно државата, нема доволно капацитети за спроведување на законите, препораките и конвенциите кои ги има потпишано. Тука јасно стои дека не се доволни или се многу слаби административните капацитети и на централно и на локално ниво. На тоа треба многу да се работи. Верувам дека кога ќе се отвори поглавјето, ако добиеме датум, тогаш условот ќе биде јасен дека мора да се направат овие работи и дека мора да се почитуваат и конвенциите. Исто така и наша забелешка беше дека треба повеќе да се вклучи не само граѓанскиот сектор, туку и самите граѓани во процесот на донесување одлуки. Еден голем проблем е тоа што студиите за влијание врз животната средина не се јавно достапни. Некои проекти ги сметаат за проекти од категорија Б, каде што не им треба студија за влијание врз животна средина, туку само елаборат. Кога ги бараме ваквите студии или елаборати од инвеститори, Министерството за животна средина или други министерства кои се вклучени во ваков процес, одговараат дека тоа не е дозволено според договорите кои ги имаат потпишано страните. Кога се работи за изградбата на хидро-електраните, тука јасно стои дека секаков развој во иднина на хидро-електраните треба да биде на иста линија со легислативата за животна средина на ЕУ. Значи, не може да сонуваме за Европа, а да работиме македонски. Тоа е голема забелешка од страна на ЕУ.

Целото интервју со Аријанит Џафери од Еко-герила, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.