ВМРО- ДПМНЕ попладнево поднесетужба до Управниот Суд во Скопје, во која ја обжалува одлуката на Државната изборна комисија за приговорот за гласањето за градоначалник на Ново Село. Опозицската партија не ги обжали одлуките на ДИК за претседателските избори со што се исклучува можноста поради 48 часовниот рок на Управниот суд да одлучи за тужбите да не му биде дадено уверението за претседател на избраниот шеф на државата Стево Пендаровски. Тој, според најавите, уверението од ДИК би требало да го добие утре, а неговата инаугарација да биде в недела напладне во Собранието.
Мандатот на претседателот во заминување Ѓорге Иванов истекува токму в недела, на 12 мај. Во меѓувреме, се усогласува сценариото за настанот. Од она што е познато е дека тој по обраќањето во Собранието, ќе замине во кабинетот за да ја преземе функцијата од досегашниот претседател Иванов. Според досегашните најави, на настанот ќе присуствуваат и претседатели од земјите во регионот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за МИА прецизираше дека досега потврда дека ќе присуствуваат на инаугурацијата пристигнала од бугарскиот претседател Румен Радев, од албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи. Присутни ќе бидат и заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија, од каде, исто така, се очекува одговор дали нивната делегација ќе ја предводи лично претседателот Борут Пахор.
Покани за присуство на инауграцијата преку Министерството за надворешни работи билеиспратени до сите шефови на држави членки на НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и претставниците на Европската комисија, како и од земјите од регионот.
Не се знае дали на евентуалната инаугурација в недела би присуствувал и премиерот Зоран Заев. Од неговиот кабинет утринава информираа дека од денеска до 14 мај тој користи слободни денови поради приватни причини.
Инаку, на првата инаугурација на Иванов во 2009 година присуствуваа претседатели од регионот, а на втората во 2014 година не дојдоа неговите колеги од балканските земји. Тогаш во Собранието на обраќањето на Иванов не присуствуваа ниту пратениците од СДСМ и ДУИ, првите оти ги сметаа изборите за нелегитимни, а вторите оти не успеаа со тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ да се договорат за консензуален кандидат за претседател.
Иванов сега го завршува вториот мандат, а денеска на последниот работен ден, како што информираа од Службата за општи и заеднички работи на Владата, испратил барање за да му бидат доделени канцеларии што ќе ги користи по престанокот на функцијата. Иванов веќе обезбедил и канцелариски простор, а барањето, како што наведуваат од службата ќе му биде одобрено. Тој, согласно законот, по завршување на функцијата, има право на пензија, канцеларија, лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.