Преговори со ЕУ сега, членство за 5 или за 10 години?

Меѓународната конференција на тема „Западен Балкан и евроатлантските вредности“ во Секретаријатот за европски прашања

Ако Македонија годинава ги почне преговорите за членство во ЕУ, оптимистички би можела да стане членка на Унијата до 2025 година, но поверојатно е до 2030 година, велат експертите.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи очекува земјава во јуни да добие датум за преговори за членство во ЕУ, експертите од регионот со несогласувања дали Македонија може да стане членка на Унијата во 2025 или во 2030 година.

Видете и ова: Регионалниот пристап може да ја забави македонската интеграција во ЕУ?

Османи изрази задоволство од начинот на којшто беа спроведени претседателските избори и рече дека очекува чист извештај и позитивна препорака за членство во ЕУ.

„Овој пат ќе биде поважно каков ќе биде процесот, отколку кој ќе биде исходот и мислам дека можеме да бидеме задоволни и со процесот и со исходот и сега, влегувајќи во една политичка предвидливост и стабилност, можеме да ја концентрираме целата политичка и државна енергија овие 20 дена да не оставиме никаков аргумент или да не оставиме непревртен камен, за прво да го добиеме најчистиот извештај и позитивна препорака, меѓутоа и да добиеме позитивна одлука“, рече Османи.

Тој вели дека евроинтегративниот процес не е важен само за Македонија, туку и за регионот и за ЕУ.

Душан Јањиќ од Форумот за меѓуетнички односи од Србија вели дека членството на Македонија во НАТО може да ги забрза преговорите со ЕУ. Тој посочува дека на Западниот Балкан има две големи незавршени работи, а тоа се Босна и Херцеговина и дијалогот Белград – Приштина.

Видете и ова: Датумот за преговори ќе зависи од консензусот во ЕУ

„Македонија може да му биде пример на регионот за две работи. Прво за избегнување на конфронтации од кои после не може да се излезе и второ за макотрпниот политички процес на соработка, коалирања за да се дојде до одлуки и мислам дека тоа се многу важни работи“, рече тој.

Сепак, Јањиќ не очекува дека земјава може да влезе во ЕУ до 2025 година, и смета дека е пореално членството да се очекува во 2030.

„Може да зборуваме со повеќе оптимизам за некоја агенда која нема да биде брза. Не очекувам до 2025 година кој било да влезе во ЕУ, освен Црна Гора“, вели тој.

Моника Беговиќ од Центарот за меѓународни студии од Хрватска вели дека Македонија во однос на евроинтеграциите секогаш во научните кругови се доживувала со скепса, но сега станала позитивен пример за целиот регион.

„Сметам дека е сосема изгледно дека 2025 година може да биде и година за прием на Република Северна Македонија во ЕУ, а уште повеќе ако претходно успее да влезе во НАТО. Дефинитивно многу работи се случија во последните неколку месеци со што, Република Северна Македонија покажа дека е позитивен пример и со самото тоа, можеби преотворено, би рекла дека добива зелено светло и за влез во ЕУ во 2025 година“, вели Беговиќ.

Тие учествуваа на меѓународната конференција на тема „Западен Балкан и евроатлантските вредности“ во Секретаријатот за европски прашања, организиран во рамки на одбележувањето на европските денови во државава.