„Почнува операцијата придобивање нови гласачи“ – пишува Нова Македонија по првиот круг на претседателските избори во неделата. Весникот објавува мислење на Павле Богоевски, актуелен пратеник во Собранието и активист на Шарената револуција кој прашува како може Гордана Силјановска Давкова да очекува поддршка од Шарената револуција за вториот круг, а во исто време јавно објавува дека ќе комуницира и со движењето „Бојкотирам“ кои се залагаат за дијаметрално спротивни вредности.
Објавено е и мислењето на политичкиот аналитичар Александар Пандов, застапник на тезите на ова движење, кој смета дека е за поздравување ставот на Силјановска да разговара и со претставниците на „Бојкотирам“. Вечер со десетина наслови на својот портал цитира делови од настапот на Христијан Мицкоски на Телевизија 24. Еден од нив гласи: „Очекуваме победа во вториот круг, голем број граѓани се охрабруваат да се противстават на власта“. Слободен печат го цитира Стево Пендаровски на трибината со граѓани во Прилеп: „Масовното гласање на 5 мај значи поддршка на концептот за НАТО и ЕУ“, како и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев: „Пораката од разочараните граѓани кои не излегоа на гласање е примена“. Порталот на истиот весник објавува и наслов, всушност одговор на премиерот на забелешките од присутните прилепчани: „Заев: Повикувам на итна одговорност од секој што направил непотизам, директно испраќам наредба веднаш да се повлечат од работните места каде што се“.
Видете и ова: Амбициозен старт на антикорупционерите, резултатите неизвесни?Независен, пак, на насловната објавува: „Антикорупциска утврди 9 случаи на непотизам – Измислувале работни места за да ги удомат роднините“. Независен објавува и дека „Антикорупциска поднесе две прекршочни пријави против претседателот Ѓорѓе Иванов за донесени укази за унапредување и поставување старешини во Армијата за време на изборниот период“.
Печатените медиуми се полни и со информации во врска со случувањата во Исламската верска заедница. Слободен печат на насловната објавува прашање: „Хаосот во ИВЗ може да ги загрози изборите?“ Вечер информира дека „Реџепи ќе биде повикан на распит во Обвинителството заради говор на омраза – навредите на македонскиот народ и скандалозната изјава за судијката која донесе одлука Скендер Бузаку да биде нов поглавар на ИВЗ“. Нова Македонија ја објавува реакцијата на ИВЗ: „Одлуката на судот е донесена со фалсификувани документи“. Вечер го објавува демантот на Финансиската полиција: „Финансиска полиција не влегла во ИВЗ, но има примено пријава за финансиска контрола“, а Независен ја пренесува изјавата на премиерот Заев: „Владата ниту се мешала, ниту ќе се меша во ниту една заедница, па ни во ИВЗ“, по изјавите од великодостојниците на Заедницата - „Ако Судот кажува кој да биде поглавар наместо Реџепи, тогаш нека каже и кој да биде поглавар на МПЦ“, како што ја пренесе Нова Македонија изјавата на претставникот на ИВЗ, Мухарер.
Нова Македонија и Вечер ја објавуваат петицијата од 80 невладини организации од речиси сите држави на Балканот до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со која се повикува Унијата да не го одложува почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.
Видете и ова: Посетата на папата е историски настан, а не сензацијаИ пред претстојната посета на папата Франциск на Скопје на 7 мај, Нова Македонија пренесува делови од заедничката прес-конференција на бискупот Киро Стојановски и премиерот Зоран Заев: „Се очекува околу 15 илјади граѓани да го пречекаат папата на градскиот плоштад, а неговата посета во Скопје ќе ја следат повеќе од 400 странски и домашни новинари. Посетата ги одбележува и 25-те години дипломатски односи на државава со Ватикан“.