Достапни линкови

Посетата на папата е историски настан, а не сензација


Прес-конференција за претстојната посета на папата Франциск
Прес-конференција за претстојната посета на папата Франциск

За неполни две недели папата Франциск доаѓа во прва официјална посета на Република Северна Македонија. Надлежните уверуваат дека земјата е подготвена за пречек на исклучителниот гостин, а премиерот Зоран Заев историската посета ја сфаќа како охрабрување дека доаѓаат подобри времиња за земјата

Папата Франциск доаѓа во многу важен момент за нашата земја, а тоа е времето во кое земјата е пријател со сите и кога демонстриравме исклучително храбри чекори на подавање рака поради иднината и градењето на европски перспективи за сите, вели премиерот Зоран Заев во пресрет на историската посета на важниот гостин на 7 ми мај.

„Оваа благопријатна чест што ја добиваме, а тоа е токму во нашата земја да биде присутен светиот отец, ќе биде сфатена како охрабрување да бидеме подобри луѓе, да си помагаме, да гледаме позитивната страна, да градиме пријателство и духот на пријателството да го одржуваме и да не охрабри сите нас дека доаѓаат подобри времиња. Честа е огромна. За нас тоа е и афирмација пред целиот свет, но и можност да се покажеме како добри домаќини,“ изјави премиерот Заев.

Доаѓањето на несекојдневниот гостин се случува во годината во која Ватикан и Република Северна Македонија одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи. Киро Стојанов, бискуп на скопската бискупија вели дека оваа посета е историска и исклучително значајна.

„Ние сме среќни генерации кога овие денови во апостолска посета ни доаѓа светиот отец и кога таинството на црквата неколку часа ќе се случува меѓу нас до таа мера што таа стварност ќе биде допирлива и видлива. Затоа ве повикувам вас, а молам со вас таа апостолска посета да биде навистина дар на милоста, историски настан, а не само нешто што е сензација и манифестација,“ рече бискупот Стојанов.

Според него постојат неколку причини поради кои се случува оваа посета, а меѓу нив добрите дипломатски односи меѓу двете држави, родното место на Мајка Тереза, но и како сигнал на охрабрување на една малобројна заедница во нивната вера.

Државниот секретар во министерството за надворешни работи Виктор Димовски уверува дека во функција на успешна реализација на посетата се преземаат сите неопходни мерки и активности во координација со надлежните служби од земјата и Ватикан. Во овие активности се вклучени преку 30 институции од земјава.

На светата литургија која на 7 мај папата Франциск ќе ја одржи на Плоштадот Македонија граѓаните не смеат да аплаудираат, ниту да му фрлаат цвеќиња. Граѓаните кои сакаат да присуствуваат на литургијата ќе треба да се пријават и да земат бесплатни влезници од католичките цркви низ земјава. Пријавувањето е веќе почнато.

Граѓаните кои ќе се движат кон Скопје со автомобили и автобуси треба да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање, а се препорачува тоа да биде официјалното лого за посетата. На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ги насочува кон паркингот каде ќе ги дочекаат волонтери кои ќе ги насочуваат кон плоштадот каде ќе се одржува Светата миса на која се очекува да присуствуваат најмалку 15.000 верници.

Папата Франциск покрај литугријата на плоштадот ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Во спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија ќе се сретне со поглаварите на сите верски заедници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG