Кога Општината не сака, граѓаните сами вдомуваат животни

Снежана Гиевска.

Снежана Гиевска вдомила многу повеќе бездомни животни отколку Општина Тетово. Таа е револтирана што Општината не се грижи за бездомните животни, како и за несовесните граѓаните кои ги трујат мачките и кучињата.

Тетово е град без општинска служба за бездомните животни па спасот од изгладнување и болести е во малкумината како Снежана Гиевска кои вдомуваат многу мачки и кучиња. Таа дури и се преселила од Тетово во блиското село Брвеница за да има големо дворно место за спокоен живот на миленичињата.

„За да го правиш ова што го правам и некои други луѓе што ги знам треба да си несебичен човек, треба да имаш огромна љубов во себе за животните и дадеш повеќе од што можеш. Да не ти е срам да направиш пишанка во пет –шоп да земеш храна за нив затоа што немаш доволно средства да купиш. И тие од пет-шоп да имаат стекнато доверба во вас за да ви дадат. Мојата љубов е кон бездомните животно посебно. Јас ги сакам сите, ама е дел од мојата личност од мојот карактер“, вели Снежана.

Куќата и дворот и се приспособени за вдомените мачки и кучиња, со посебни влезови и места за нив во објектот и дворот.

Видете и ова: Дали „Лајка“ ќе ги спаси кучињата скитници во Скопје?

„Дома моментално имам 22 згрижени мачиња и две кучиња од кои повеќето се со хендикеп, баш оние што никој не сакал да ги земе. Едното е без око, другото е без ноџе, третото е без задната нога, четвртото е без опашка и да не набројувам, значи разни хендикепи кои сум успеала да ги санирам со помош на доктор по медицина каде безусловно ми помага др. Зуфер Џелили“, потенцира соговорничката.

Таа е револтирана што Општината не се грижи за бездомните животни, како и за несовесните граѓаните кои ги трујат мачките и кучињата. Додека живеела во Тетово и затруле и убиле осум мачки.

„Јас сум пробала да спасам затруени кучиња, мачиња. Па тоа се страшни болки за кои ми се чини дека душман на душман не бу му ги направил. И затоа би апелирала до сите добри луѓе, до совеста нивна, до органите во општината ако ја слушнат оваа емисија. Немаме само ние луѓето право на живот на Земјава. Имаат и кучињата и мачињата и целата фауна. Има право и флората околу нас, се тоа е создадено за заедничка убавина. Јас лично со тоа што ги сакам, со тоа што им помагам, со тоа што се трудам да им обезбедам убав живот да ги имам околу себе јас сум поголема и побогата всушност. Побогата сум за едно огромно чувство, една љубов несебична и безусловна што тие ми ја даруваат мене. Јас сум со нив многу среќна“, ни рече Снежана.

Местото каде сега живее го нарекува „Мачка-рај Зелена Долина“. Создава хармонија на луѓе, животни и растенија.