Прозападниот кандидат Стево Пендаровски и неговиот главен ривал Гордана Сиљановска-Давкова се најдоа во тесна трка во првиот круг од претседателските избори во кои доминираа длабоки поделби поради промената на името на земјата во Северна Македонија.
Ова го наведува новинската агенција Ројтерс, оценувајќи дека Договорот од Преспа продолжува да ги дели Македонците и оти ги засени сите други прашања за време на изборната кампања.
Агенцијата потсетува дека претседателската функција е главно церемонијална, но оти претседателот дејствува како врховен командант на вооружените сили и ги потпишува законите донесени во Парламентот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Гласањето за претежно церемонијалната функција доаѓа на помалку од три месеци откако стапи во сила договорот со Атина за промена на името, со што се стави крај на деценискиот спор меѓу соседите“, наведува новинската агенција Франс прес.
Таа оценува дека повеќето гласачи биле разочарани од она што го сметаат за корумпиран политички систем, додавајќи дека некои набљудувачи велат оти изборите нема да успеат да привлечат доволен број избирачи.
„Ако слабиот одѕив наметне нови избори, тоа може да предизвика политичка криза што ќе изврши притисок врз администрацијата на премиерот Зоран Заев“, оценува Франс прес.
Новинската агенција Асошитед прес пак наведува дека овие претседателски избори се сметаат за клучен тест за владата по длабоката поларизација откако земјата го промени името за да стави крај на деценискиот спор со соседна Грција и да го отвори патот кон НАТО и Европската унија.
Асошитед прес ги потенцира стагнацијата на македонската економија, над 20 процентната невработеност и корупцијата. „Најмалку 400.000 луѓе, повеќето од нив млади, ја напуштиле земјата во изминатата деценија“, пишува Асошитед прес.
Германската новинска агенција ДПА наведува дека Пендаровски го поддржува договорот со Грција, додека Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ иако сакаат да влезат во НАТО и ЕУ, се критични околу промената на името.
Агенцијата додава дека, следниот шеф на државата не може да го врати старото наместо веќе уставно усвоеното ново име.
ДПА и со оценка дека етничките Албанци, кои нема да имаат кандидат во вториот круг, може да станат клучни во изборот на новиот претседател.