Достапни линкови

Светските агенции за изборите во Северна Македонија


Прашањето околу одѕивот е една од главните точки во известувањата на светските новински агенции за претседателските избори во Северна Македонија.

„Новото име ги поларизира гласачите на денешниот прв круг од претседателските избори во Северна Македонија“, наведува новинската агенција Ројтерс додавајќи дека, токму разликите во ставовите околу Договорот од Преспа за промена на името доминираа и за време на предизборната кампања.

Сето ова, како што оценува Ројтерс, покажува дека не се очекува на овој прв круг да биде избран и новиот претседател што би значело дека ќе се оди на втор круг на 5 мај.

Агенцијата додава дека одѕивот на гласачите би можело да биде многу низок, што, како што се оценува, било резултат на нивната разочараност во политичарите.

Претседателската функција во Северна Македонија е главно церемонијална, но претседателот дејствува и како врховен командант на вооружените сили, а исто така потпишува закони донесени во парламентот, наведува Ројтерс.

На церемонијалната функција на претседателот потсетува и новинската агенција Асошитед прес.

„Сепак, на овие избори се гледа како на клучен тест за владата по длабоката поларизација откако земјата го смени името за да стави крај на над дведеценискиот спор со соседната Грција“, наведува Асошиетед прес.

Француската новинска агенција Франс прес пак, нагласува дека станува збор за први избори во земјата откако го смени името.

„Гласањето во Северна Македонија доаѓа на помалку од три месеци откако договорот меѓу Атина и Скопје стапи во сила“, наведува агенцијата, потсетувајќи дека тројцата кандидати претендираат да дојдат на местото на Ѓорге Иванов кој не може да се трка за уште еден мандат со оглед на тоа што веќе го исполни максимумот од два последователни мандата.

Германската наовинска агенција ДПА, наведувајќи дека гласањето на претседателските избори почнало оценува дека ниту еден од кандидатите не се очекува да добие во денешниот прв круг,повеќе од 50 насто од гласовите.

Тоа пак, како што се наведува, значи дека ќе биде неопходен втор круг за две недели.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG