На гласањето на првиот круг од претседателските избори на два часа пред затворањето на избирачките места, според податоците на ДИК, излезноста изнесувала 35,13 проценти. Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска информираше дека до 17 часот на гласање излегле 496. 774 лица. Според неа, доколку би го следеле трендот на процентуална излезност и имајќи во предвиде дека биле обработени само 79,73 проценти од избирачките места, значи дека на гласање досега излегле околу 600 илјади избирачи.
Највисока излезност има во Крива Паланка, 57, 2 проценти, Демир Капија 52,78 отсто и Демир Хисар со 51,94 проценти. Повеќе од половината запишани гласачи излегле и во Крушево, Новаци, Прилеп и Вевчани.
Најниска излезност имало во Липково 13,50 проценти, Желино 13,62 и Центар Жупа со 12, 67 проценти, а најдолу на листата е Пласница со 12,04 проценти.
Претходно претседателот на ДИК, Оливер Деркоски порача дека нема посериозни нарушувања на изборниот процес.
„Така што сметам дека воглавно овој изборен ден поминува мирно и се надевам дека до крајот на денот ќе завршиме на сличен начин без поголеми нарушувања на изборниот процес“, рече Деркоски.
До ДИК биле поднесени 10 приговори за прекршување на избирачкото право, при што сите биле одбиени. МВР соопштија дека биле регистрирани три случаи на неправилности.
„Секој обид за нарушување ќе биде санкциониран“, наведоа од МВР.
Од скопските општини најмногу гласачи или 43,44 проценти излегле во Карпош, потоа следат Центар и Аеродром со нешто над 41 отсто. Најниска излезеност од околу отсто е забележана во Шуто Оризари и во Сарај, од околу 12 отсто.
На шестите претседателски избори од независноста на земјата право на глас имаат 1 808 131 граѓани, а гласањето го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3480 избирачки места.
Граѓаните имаат можност својот глас да го дадат на еден од тројцата кандидати. Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата за Албанците и БЕСА, потоа Гордана Сиљановска, која е кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и кандидатот на СДСМ и на владината коалиција, Стево Пендаровски.
За победа во првиот круг на еден од кандидатите му е потребно мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904 066 гласови. Доколку никој не ги освои потребните гласови, во вториот круг закажан на 5 мај, победува еден од двајцата кандидати што добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723. 253 гласачи. Доколку и во вториот круг ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови, се повторува целата изборна постапка, согласно Изборниот законик.
За избор на градоначалници се гласа во општините Охрид каде излезноста е 44,74, потоа Ново Село со 41,93 и Дебар каде гласале 36,31 од избирачите.
Во Ново Село причината за избор на нов градоначалник е апсењето на Боро Стојчев, а во Дебар и Охрид причина е ненадејната смрт на градоначалниците Ружди Љата и Јован Стојановски.
Изборите ги набљудуваат 3094 домашни и 419 странски набљудувачи, а само едно гласачко место во Студеничани не беше отворено.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5