Медиуми – Од светот за Нотр Дам, дома за видео игри, морбили и избори

Веста за пожарот во париската катедрала Нотр Дам ги наполни медиумите. Тие пишуваат и за епидемијата на морбили, за учениците кои се самоповредувале и за изборите.

Кој медиум, печатен или електронски во земјава не објави за пожарот на катедралата Нотр Дам во Париз. Нова Македонија пренесува текст од Њузвик под наслов: „Пожарите шанса за христијаните и муслиманите со здружени сили да ги обноват нивните светилишта затоа што, и покрај различните верувања, се борат, се жалат, се надеваат и се молат како и останатите луѓе во тешки времиња “. Интересна е забелешката во текстот дека „додека гореше Богородичната црква во Париз... во Ерусалим, во џамијата Ал Акса, речиси исто толку стара како и катедралата, исто така изби пожар, кој меѓутоа доби помало медиумско внимание“. Сите електронски изданија на печатените медиуми ја објавија веста дека „Владата на Северна Македонија нуди помош за Нотр Дам“.

Видете и ова: „Момо“ и „Син кит“- интернет опасност или родителска паника?

Вечер и Нова Македонија објавија: „Вклучен аларм во училиштата по случаите на деца кои се самоповредувале поради интернет игри“ и „Министерството за образование ја следи состојбата со опасните интернет игри и случаите во битолската осмолетка „Коле Канински“ и презема соодветни активности со другите институции за детално информирање на учениците и нивните родители за можните ризици од учеството во ваков тип игри“.

Печатените медиуми ја објавија и изјавата на министерот за здравство Филипче дека „Ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано против морбили“, откако се прогласи епидемија во целава земја.

Во печатените медиуми место заземаат и информациите околу последните денови од кампањата за претседателските избори в недела, на 21 април. Нова Македонија, оди со наслов: „Заев и Мицкоски ги надзборуваат натпартиските кандидати“ со забелешка од експерти дека двајцата лидери на политички партии „им одзедоа голем дел од времето на кандидатите за претставување на нивните политички програми“. Слободен печат со слична диоптрија. На насловната страница пишува: „Министрите и партиските функционери доминираат во кампањата – Претпладне државно, попладне партиски“.

Вечер оди со следниов наслов: „Неочекувано: Силјановска и Река направија заеднички спот за кампањата. Стево ги губи неговите Албанци“, а Слободен печат, Независен и Вечер го објавија постот на Блерим Река на ФБ профилот дека во својот изборен штаб пиел кафе со Сиљановска Давкова, на ред бил Пендаровски, „за да покаже желба до крај за фер и демократска кампања“. Насловот во Слободен печат има малку симболичен призвук:„Река ѝ го свари кафето на Силјановска, на ред е Стево“.

Вечер го објавува извештајот од мониторингот на граѓанската ЦИВИЛ: „Говорот на омраза е присутен во претседателската кампања, институциите да реагираат“. ЦИВИЛ забележува дека тоа најчесто се гледало на јавните настапи на Силјановска Давкова и партијата што ја поддржува, ВМРО-ДПМНЕ. Независен информира: „Антикорупциска: Исплатата на лозарите за регулирање на долгот кон винарите е незаконска во предизборие“. Ова инаку е еден од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ упатени до Антикорупциската комисија.

И, пред скорешната посета на папата Франциск на Скопје, Слободен печат, со фотографија од еден од спомениците во Паркот Жена-Борец спроти Собранието нотира: „Чекајќи го папата, центарот на Скопје се дави во ѓубре и градежен шут“.