Поширокиот кумановски регион е богат со значајни археолошки локалитети и културноисториски и духовни светилишта, атрактивни за домашни и странски посетители, но, за жал, и во 21-от век нема стратегија за туристичка промоција и соодветен третман за нивното зачувување и одржување. Надлежните само повремено ќе наговестат со каков туристички потенцијал располага овој Козјачко-пчињски округ.
Археологот Дејан Ѓорѓиевски од кумановскиот Музеј вели дека овој регион изобилува со културно наследство за развој на културниот туризам. За жал, тој нагласува дека нема стратегија како тоа да се реализира и да се презентира пред пошироката јавност.
„Има неколку локалитети кои што се извонредно значајни, уникатни и кои што се речиси и подготвени за туристички посети. Меѓутоа од самиот почеток тие функционираа како туристички локалитети што ни создаде дополнителни проблеми. Како пример е опсерваторијата Кокино, локалитет кој се посетува подолго од една деценија, а таму е направена минимална туристичка инфраструктура, иако се посетува како туристичка дестинација.“
Црквиште во Клечовце е исто така интересен локалитет. На погодна локација е, а откриена е не само ранохристијанска црква, која егзистирала и во Средниот век, туку и остатоци од римска бања. Постои и локалитетот Костоперска карпа во селото Младо Нагоричане, кој побудува интерес кај јавноста поради уникатноста како природна форма, како археолошки локалитет, но и поради околните цркви кои се од поствизантиски период и кои се многу важни, вели Ѓорѓиевски и додава дека ниту еден од нив не е подготвен за туристички посети.
„Се истражува уште еден локалитет кој што беше големо изненадување и за сите нас. Тоа е локалитетот Градиште во селото Младо Нагоричане на брегот на реката Пчиња, каде што многу северно на Македонија се открија остатоци од еден град, населба, од една цивилизација со тесни врски со случувањата на Егејот, денешна Егејска Македонија. Имаме исти форми на керамика, остатоци од садови за кои што знаеме дека се донесени од островот Тасос, знаеме дека луѓето кои што живееле таму пиеле вино импортирано од Тасос, форми на куќи аналогни на формите на куќите во денешна Пела, во Вергина. Значи многу тесни контакти со престолнините на македонското кралство, а се на север на Македонија.“
Ѓорѓиевски појаснува дека локалитетите се во добра состојба. За повеќето од нив претстои период на истражувања за што се потребни средства. Музејот нема право да врши конзервација, што е проблем за кумановскиот регион последните 50 години. Затоа работите одат многу бавно и неефикасно.
За оваа година по период на застој Министерството за култура одобрило средства (вкупно околу 400 илјади денари) за истражување на два локалитета, Црквиште (Визианус) во селото Клечовце и Градиште во селото Младо Нагоричане.
Освен со археолошки локалитети, Кумановскиот регион е еден од најбогатите во државава и брои 40-ина цркви само од византискиот период до почетокот на Втората светска војна, вели Славица Крстиќ, советник документатор во Музејот во Куманово. Според неа, некои од црквите се во релативно добра состојба, но има и такви на кои им е неопходна итна конзервација на архитектурата и на живописот.
„Најатрактивни и најподготвени за посета се старите византиски, црквата „Свети Ѓорѓи“ во селото Старо Нагоричане (14 век) и Манастирот во атарот на селото Матејче посветен на „Успение на Пресвета Богородица“. Манастирот по конфликтот во 2001-та година е во малку подобра состојба, бидејќи Националниот конзерваторски центар од Скопје изврши конзервација на живописот и архитектурата, така што може да се посети. Меѓутоа, посетителите претходно мора да се најават во селото Матејче, Општина Липково.“
До манастирот во Матејче (на Скопска Црна Гора) патот е земјен и ископан од атмосферски води и товарни возила.Лош пат е и до Карпинскиот манастир, во атарот на селото Сув Ора’, во Пезово, Мургаш, Довезенце и некои други села каде што има цркви од културно –историско значење.
Крстиќ вели дека за посетителите има атрактивни значајни објекти до кои е асфалтиран патот.
„Би им препорачала на сите заинтересирани да ја посетат црквата Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричино. Таа е најубава не само во Кумановско, туку и е една од најубавите на Балканот, а и патот е асфалтиран. А во Куманово, атрактивни се старата црква „Свети Никола“ од периодот на преродбата, изградена од тајфата на Андреја Дамјанов (1851), „Света Троица“ (понова) и „ТатарСинан –беговата џамија“ која датира од 16-от век.“
Крстиќ додава дека во овој регион освен историско уметничките објекти може да се посетат и историски споменици како што се Спомен костурницата во Зебрњак, Спомен костурницата на влез-излез на Куманово и на плоштадот споменикот Македонка.
Инаку, Музејот во Куманово има свои водичи кои за сега се стационирани во објектот на постојаната музејска поставка во градот и во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце.