Госпоѓо Ивановска, кои се предизвиците со кои се соочува новиот состав на Антикорупциската комисија, особено во пресрет на изборите?
Видете и ова: ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за претседателските избориМногу предизвици има пред оваа Државна комисија за спречување на корупцијата. Пред нас се претседателските избори, ние се подготвуваме, правиме една листа на активности, коишто планираме да ги спроведеме во врска со претседателските избори. Според законот, имаме обврска да ја следиме изборната кампања и да го следиме финансирањето на политичките партии. Веќе преземавме една активност, испративме барање до сите јавни институции да ни достават список на нивните службени возила, по марка и по регистрација, да изготвиме една база на податоци со сите службени возила којашто ќе ја ставиме на нашата веб страница и која ќе можат да ја користат и невладините организации коишто со свои набљудувачи исто така го следат изборниот процес. Намерата е да спречиме незаконско користење на буџетски капацитети, во случајов службени возила, имајќи ги предвид информациите од претходни изборни кампањи дека во најголем број случаи се злоупотребуваат службени возила. Исто така, знаејќи дека се злоупотребуваат и човечките ресурси, односно вработените во јавната администрација, планираме да правиме и случајни проверки на листите за евиденција за одење и доаѓање на работа, а ќе имаме и дојави од посматрачите, и во тие што ќе бидат ризични институции ќе вршиме проверки дали некој од вработените учествувал во изборните кампањи за време на работа.
Видете и ова: Армиските унапредувања и универзитетите под лупа на АнтикорупционеритеОтворивте десетици предмети поврзани со непотизам. Во нив има предмети коишто опфаќаат актуелни функционери, меѓутоа и поранешни. Дали некој од предметите е веќе завршен и дали веќе има и некој нов поврзан со непотизам или вработување?
Можам да кажам дека доставивме барање за информации од институциите. Главно ги добивме документите, меѓутоа не се доволни, треба да побараме дополнителни информации, во смисла, еве конкретно дека се работи за вработување, имаме информации дека лицето има соодветно образование, е способно да ја врши таа работа, но немаме информација за начинот на кој е извршен изборот, критериумите што биле употребени да се изврши изборот и кои се квалификациите на останатите кандидати што се пријавиле на конкурсот, а тоа е клучно. Значи, не дека тоа и тоа лице не одговара за таа работа, меѓутоа дали тоа лице било најдобро или, пак, другите кандидати биле покомпетентни. Значи, ни недостига уште малку доистражување во тој поглед. Инаку, од тие 18 случаи, два случаи затворивме. Се работи за ќерката на пратеничката Емилија Александрова, за која што имавме информација дека е вработена во Фондот за иновации. Го проверивме случајот, таа ниту конкурирала, ниту е вработена во Фондот за иновации, така што тој случај се затвори. И уште еден случај затворивме, за сопругата на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски. Неговата сопруга била наставничка во основното училиште, која две години по ред работела по договор. Тоа се смета како старо финансирање и е начин на работа на основните училишта и по истекот на тие две години, според Законот за работни односи, треба да премине во редовен работен однос и тоа е постигнато.
Американскиот амбасадор Џес Бејли пред околу една година побара комисијата да ги испита сомневањата за судир на интереси за двајца членови во Советот на јавни обвинители. До каде е предметот?
Ние сè уште од старите предмети не сме почнале, едноставно не сме стасале да почнеме, затоа не можам да ви кажам конкретно во врска со тој предмет. Планираме барем малку да ја ставиме ситуацијата под контрола па после да почнеме да отвораме и од старите предмети.
Целото интервју со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.