Ана Бландијана, симболот на бунтот, лауреат на СВП 2019

Романската поетеса Ана Бландијана е добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2019 година. Наградата ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на Фестивалот кој ќе се одржи од 21 до 28 август.

Не сум сигурна како да ја изразам возбудата што ја почувствував кога ја добив прекрасната вест дека ќе ми го доделите Златниот венец во Струга. За да разберете што чувствував, треба да знаете дека за мене, како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај Струшкиот мост и во Орхидската катедрала и крунисувањето на Никита Станеску беше магичен момент на мојата генерација.

Во светот во кој војните, револуциите и промената на историјата и географијата оставија малку простор за поезијата, наградата „Златен венец" опстои шест децении на преминот меѓу два века и со помош на лирата и ловориките се спротивстави на сите видови оружја и со љубовни зборови се спротивставува на сите видови омраза. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец.

Ова ќе го забележи во своето почесно обраќање романската поетеса Ана Бландијана, годинешната добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата и една од најценетите современи европски авторки.

Ана Бландијана е всушност псевдонимот зад кој се крие Отилија Валерија Коман. Родена во Темишвар во 1942 година, таа е припадничка и претставник на на поетската генерација од шеесеттите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

„Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото. Нејзиното писмо ги спојува личносните и интимни предизвици со метафизичките и мисловни поенти, тоа е воопшто лирика на симултани созвучја меѓу Ерос и Танатос и нивната нераскинлива прегратка, но, исто така и созвучја меѓу телесното и духовното, сетилно-чувственото и мисловното, непосредувано детското и длабоко мудроносното“, ќе рече образлагајќи ја одлуката проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“.

Таа и со дополна дека местото кое Ана Бландијана го зафаќа во книжевниот живот на Романија, може да се спореди со она на Ана Ахматова во Русија или Вацлав Хавел во Чешка. Од таму Бландијана е високо признаена фигура во романската книжевност и има напишано 17 стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и претставено во 80 книги поезија и проза.

Инаку, Бландијана била истакнат противник на режимот на Чаушеску, а нејзините храбри и искрени песни, како и храбриот став во одбраната на етичките вредности, ја претвориле во легендарна фигура во романската литература.

Ана Бландијана е несомнено моќен и впечатлив поетски глас - но, таа денес, не помалку, е и симбол на бунтот - против тоталитаризмот на Чаушеску, време, кога нејзиниот татко бил прогонуван и затворан, само поради фактот, што работел како свештеник, додека самата Ана - во младоста, но и подоцна - цензурирана и прогонувана, како една од многуте невини колатерални жртви на режимот.

„Јас бев забранета, уште пред да станам поет“ – потресно сведочи Ана, откривајќи дека, за време на тоталитарниот режим на Чаушеску, била принудена секојпат кога ќе излезела од домот да ги крие своите ракописи“, појаснува Шелева.

Со низа стихозбирки од 1966 до 1981 година, таа се етаблирала како еден од најистакнатите поети на нејзината генерација. Плоден, многу ценет поет - добитник на бројни награди, признаена од Романската академија и Писателската унија.

Во 1982 година, станала и најмладиот добитник на наградата „Готфрид фон Хердер“ доделена од Универзитетот на Виена.

Кон крајот на декември 1984 година, Бландијана успеала да ја заобиколи драконската цензура на владата и објавила низа од четири песни – „Детската крстоносна војна“, „Верувам“, „Ограничувања“ и „Сè“ во авангардното списание „Амфитеатар“. Дистрибуцијата на списанието била откажана, но рачно напишани копии од овие песни продолжиле потајно да кружат. Всушност, тие биле првите самоиздадени песни во романската литература, кои го осудиле политичкиот систем кој постојано ја фалсификувал реалноста и го уништувал човечкото достоинство. Затоа одмаздата против неа била груба, но таа била спасена од меѓународната солидарност и поддршката од италијански и германски интелектуалци.

„Во мрачната политичка панорама по 1989 година, Ана Бландијана стана слика на надеж. Исто како што и самата ја презеде одговорноста да ги осуди кршењата на човековите права од диктатурата на Чаушеску, по 1989 година таа сметаше дека е нејзина должност да ја осуди манипулацијата на демократските вредности од новата политичка моќ. И покрај нејзината интензивна граѓанска активност и учество во протестните маршеви и митинзи, таа се посвети со речиси мистичен аскетизам на пишувањето и на споменот за жртвите“, истакнува Шелева во својата беседа.

Во 1990 година Бландијана го возобновила романскиот ПЕН клуб (основан во 1924 година и распуштен за време на комунистичкиот период) и станала негов претседател (1990-2004). Ова беше прва институција за повторно воспоставување на позицијата на Романија во западниот свет.

Како признание за нејзиниот придонес кон европската култура и нејзината храбра борба за човековите права, во 2009 година на Бландијана ѝ беше доделено највисокото одликување од Француската Република, „Легија на честа“, додека Државниот секретаријат на САД ја одликуваше со наградата „Храбри Романки“ во 2014 година. Романскиот крал Михаил ѝ го додели кралскиот орден „Нихил сине Део“ (2014).

Бландијана е почесен доктор на науки на четири романски универзитети: Универзитетот де Вест, Темишвар (2014), Универзитетот Клуж (март 2015), Универзитетот на Галац (2016), Универзитетот „1 Декември 1918" Алба Јулија (2018),

Наградата на лауреатката ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на Фестивалот, кој ќе се одржи од 21 до 28 август.

Кораб со поети

(Corabia cu poeţi)

Поетите мислат дека е кораб

И се качуваат на него.

Пуштете ме да се качам на коработ со поетите

Што плови низ далгите на времето.

А ниту му се занишува јарболот

И ниту се помрднува од место

(Оти времето околу него

Се движи сѐ побрзо).

Поетите чекаат и одбиваат да заспијат,

И за да не го пропуштат мигот

Кога коработ ќе се оддели од брегот –

Одбиваат и да умрат.

А што друго е бесмртноста

Ако не токму овој камен кораб,

Кој тврдоглаво чека нешто

Што никогаш нема да се случи?

Препев од романски јазик: Лидија Димковска (од книгата „Архангел во саѓи“)