Табли со Северна Македонија може да остават „неубави впечатоци“ во Грција

Патоказни табли со новото име Северна Македонија во Грција може да остават „неубави впечатоци“, вели грчкиот министер за инфраструктура и транспорт на Грција, Кристос Спирцис.

Патоказните табли со новото име на земјава – Република Северна Македонија во Грција не се поставени затоа што тоа може да остави некои „неубави впечатоци“ и жално би било ако по поставувањето на таблите одредени кругови се обидат да ги уништат, рече грчкиот министер за инфраструктура и транспорт, Кристос Спирцис по средбата со неговиот македонски колега Горан Сугарески во Скопје. Одговарајќи на новинарски прашања дали, во знак на добра волја, постои простор за промена на името на аеродромот Македонија во Солун, Спирцис само кусо одговори дека „нема шанси“.

Видете и ова: Можно ли е поништување или непочитување на Договорот од Преспа?

Македонските власти пред еден месец ги сменија таблите на граничните премини со новото име Република Северна Македонија, а уште пред една година беа променети имињата на аеродромот и автопатот Александар Велики.

Грчкиот министер рече дека имаат визија луѓето да може да ги поминуваат границите без да знаат за тоа, како што е во Европа. Да нема застој во сообраќајот и луѓе што живеат во едната земја секојдневно да работат во другата, рече тој.

„Доста се измалтретирани балканските држави. Треба да свртиме страна за да постои развој и овој пат се отвора после потпишувањето на Договорот во Преспа“, рече Спирцис.

Сугарески рече дека разговарале за патната и железничката инфраструктура, како и за можноста за зголемување на авионските линии меѓу двете земји. Разговарале и за полициските и царинските контроли на границите да се вршат заеднички на едно место.

Видете и ова: Кои се критериумите за „македонски“ или за „национален“?

„Нешто што е исклучително важно за нас е тоа што од министерот на Република Грција активно побарав да лобира во ЕУ за отворање на нови европски фондови за реализација на проектите во нашата земја“, рече Сугарески.

Тие изразија надеж дека ќе има потпишани договори меѓу двете земји за патниот и железничкиот сообраќај, како и за воздухопловството, пред грчкиот премиер Алексис Ципрас да ја посети Македонија во наредните месеци.