Кампањата за претседателските избори иако официјално се уште не е започната, кандидатите редовно се среќаваат со граѓани и даваат изјави и интервјуа во медиумите. Тројцата кандидати, Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река кои собраа потписи за нивната кандидатура најдоцна до четврток треба да се пријават во Државната изборна комисија, а кампањата почнува на 1 април.
Во законот за избори нема ограничување кандидатите да работат на терен и да се појавуваат во медиумите, туку само ограничување за тоа што не може Владата да прави откако ќе се распишат изборите, односно да не се промовираат проекти за кои се користат државни пари, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
„Но, нема во законот ограничување кандидатите да тераат партиска агенда, митинзи, дуели, соочувања, па дури изјави и прес-конференции. Дилемата останува етичка дали кандидатите треба да го почекаат стартот на кампањата или ваквите условно речени партиски агенди им се дозволени претходно. Имајќи предвид дека тешко да се очекува во Македонија каде кампањата е реално куса и е 20 дена дека кандидатите може се да претстават, јас не верувам дека ние може да очекуваме тие да ја прекинат предвреме“, смета Арсовски.
Според ДИК сите активности на кандидатите се сметаат за партиски средби, а не неофицијален почеток на предизборната кампања.
„Тоа е уште една аномалија кај нас. Се донесуваат законски ограничувања за кампањите, после истите ги заобиколуваат. Има држави во светот каде кампањите никогаш не прекинуваат. Доволно е да се објави кандидатурата и со тоа почнуваат и контролите на финансиското работење на кандидатите“, посочува политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Видете и ова: Претседателски избори - Кој ќе седне во фотелјата на Иванов?Тој додава дека смета оти треба да се смени праксата канидатите за претседатели да бидат познати само месец или два пред изборите. Од друга страна, пак, кандидатите инсистираат дека се натпартиски. Според Арсовски, факт е дека тие беа избрани од партиите и не може да избегаат од тоа дека се поддржани од нив.
„Така нивната агенда ќе биде еден реален микс. Тие самите ќе се претставуваат себе си како претседател кој ќе ги обединува сите граѓани и ќе ги претставува сите. Но, всушност голем дел од нивната агенда ќе биде доминирана од партиските потреби и работа кон партиското членство кое треба да ги поддржи“, посочува тој.
Според него, на мал дел од граѓаните им е важно претседателот да биде натпартиски, но токму тие се неопределните гласачи кои ја донесуваат победата на изборите.