Ваши коментари - „И Вучиќ ќе заврши како Груевски во бегство“

Архивска фотографија - Александар Вучиќ и Никола Груевски.

Има многу реакции на нашата ФБ страница за обидот на српскиот претседател Вучиќ да прави паралели со „македонско сценарио“ во Србија. Во дел од коментарите му предвидуваат дека и тој ќе заврши како Груевски.

ФБ страницата на РСЕ е преполна со постови по информациите на нашево Радио за случувањата во соседна Србија викендот што помина, особено во Белград, кога демонстрантите против претседателот Александар Вучиќ упаднаа во РТС со барање во нејзините програми да бидат вклучени информации и за опозицијата и по обраќањето на Вучиќ при што за водачите на протестите Јеремиќ и Ѓилас изјави дека се големи пријатели на премиерот Зоран Заев, а го спомна и осудениот Чавков.

Видете и ова: Балканот во нов бран антивладини протести

Посетителите на нашата ФБ страница реагираат и со оглед на тоа дека не му е прв пат на српскиот претседател да прави паралели со некакво „македонско сценарио“ и во Србија. „Глеј си работа, ти Србија ја оправи па сега и во други држави цело време се мешаш. Исто ѓубре си како и побегуљата во Будимпешта“ – постирал Орце Цветковски. Со сличен коментар е и оној на Мамер Бектеши: „Глеј си твоја работа, ти гори државата“, како и Лута Ахмети кој му порачува: „Ако си маж затвори ги и не мешај го Скопје нема ништо со Белград... Збогум, Груевски те чека“. Саша Атанасов забележува дека „Ова сценарио е исто како во Македонија што беше“. Дамјановиќ Дасо Драган во подолгиот пост напишал: „Не ти одговара Заев зашто ги стави у ќорка криминалците и лоповите... Уште малце и ти ќе завршиш така... самобендисан... го уништи својот народ и исто како Грујо... барај од него да ти обезбеди азил“. Има и други постови кои ги поврзуваат Вучиќ и Груевски и со алузии дека и српскиот претседател ќе завршел како Груевски во бегство од правдата. Тони С Стеф се чуди „... како сè уште не го побарал другар му фашистот избеган во Будимпешта“, а Љубо Обочки му предвидува: „Ќе поминеш како гангстерот Грујо... за многу кратко време“. Бисерка Молеровиќ реагира на негативните коментари во врска со бегството на Груевски, па напишала: „И на вас да ви спремаат убиство и вие ќе бегате...“, а Драган Цветковиќ ѝ одговара: „Ти да не знаеш од сигурни извори или си учествувала во спремањето на убиството. И Грујо му спремаше убиство на Заев на 27 април, па Заев не избега...“

Инаку на ФБ страницата на РСЕ има и повеќе реакции на информацијата дека Груевски преку своите адвокати поднесувал жалби до Апелацискиот суд да му биде укинат притворот во предмети на СЈО. Сашо Кузмановски со подбив и со Смешко што намигнува постирал: „Ве молиме жалбата да ја донесете лично“, а Митевски Филип исто така со иронично-шеговита забелешка: „Овој колку ќе му се суди, 10-ка со кромид“, а Горан Симевски луто: „Доживотна за кукавица!“ Енсер Ансар Салифоски му порачува: „Седи си кај Орбан, си одговарате по расизам“.