Достапни линкови

Балканот во нов бран антивладини протести


Србија, Црна Гора и Албанија во знакот на антивладини протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Србија, Црна Гора и Албанија во знакот на антивладини протести

Илјадници луѓе деновиве се на улиците во Белград, Подгорица и Тирана. Организирани од опозициските партии нивните главни барања се оставка на владиниот естаблишмент и предвремени избори.

Илјадници антивладини демонстранти во неделата уште еднаш побараа од претседателот на Србија Александар Вучиќ негова оставка и слободни и фер избори, еден ден откако накратко влегоа во зградата на државната телевизија.

Демонстрантите веќе три месеци одржуваат вакви митинзи.

„Ние не се повлекуваме“, вели лидерот на партијата Двери, Бошко Обрадовиќ.

„Сакаме слободни избори, а пред тоа минимум 6 до 9 месеци слободни медиуми. Тоа се нашите барања и нема отстапување и нема повлекување.“

Во саботата демонстрантите кратко ја окупираа зградата на државната телевизија, налутени од малата покриеност на нивните демонстрации од државните медиуми.

Протестите се проширија и во други градови, иако бројките надвор од Белград остануваат мали.

Во саботата пак илјадници луѓе маршираа низ главниот град на Црна Гора, Подгорица.

Тоа беше петти протест за два месеца на кој се бара оставка од Мило Ѓукановиќ и неговата влада во врска со наводите за злоупотреба на службената должност и корупција.

Протестите започнаа откако Душко Кнежевиќ, бизнисмен и поранешен сојузник на Ѓукановиќ, го обвини повеќегодишниот претседател на државата и на неговата Демократска партија на социјалистите за злоупотреба на службената должност и мрачни финансиски договори.

И Ѓукановиќ и ДПС ги негираа тврдењата, но рекоа дека протестите се легитимни ако не станат насилни.

Ана Вујошевиќ која учествува на протестите вели:

„Па, сакаме промена. По 30 години, верувам дека секој граѓанин кој има и малку совест е свесен дека мора да се случи промена и дека последниот диктатор навистина мора да си оди.“

Веќе неколку месеци траат и протестите во Тирана каде што на неколкупати дојде и до обиди за влез во албанскиот парламент.

Така беше и во саботата кога албанската полиција употреби водени топови за да ги растера демонстрантите кои се обидоа да влезат во парламентот.

Овие протести траат од средината на февруари, а опозицијата бара нови избори обвинувајќи ја власта за корупција и изборни измами.

Пратениците од главната опозициска Демократска партија се откажаа од парламентарните места во февруари, но десетина пратеници повторно се вратија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG