За „крвавиот четврток“ вкупно 211 години затвор

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ќосето, Ченто и Југ сакаат да останат во притвор

Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Другите добија од осум до 15 години затвор, а Дурловски беше ослободен.

Игор Дурловски беше прогласен за невин, а останатите 16 обвинети за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, добија вкупно 211 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„Сведоци бевме дека дел од разгневената толпа започна со немилосрдно тепање на пратеници, новинари, овластени службени лица и вработени во Собранието. За жал не само овие слики ќе останат врежани во меморијата на секој граѓанин на оваа земја, туку од снимките го видовме и срамното однесување на полициски службеници. Некои од нив, облечени во формациска униформа, кои наместо да преземаат дејствија за спречување на насилниците во кршењето на инвентарот, а пред сè во спречување на физичкиот напад на пратеници, новинари и нивните колеги, тие едноставно беа неми набљудувачи на овие настани, се шетаа по ходниците на Собранието. Некои, пак, очигледно од досада, седеа на фотелјите во ходниците на Собранието, при што пиеја вода, а некои дури и ја делеа на насилната топла“, рече судијката Добрила Кацарска.

Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој доби 18 години затвор. По 15 години затвор добија тогашните полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање, како и припадниците на патриотските здруженија и маскирани напаѓачи Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо. Вилијам Михајловски доби 14 години, а полицискиот началник Оливер Поповски 13 години затвор. По 12 години затвор добија Младен Додевски, Горанчо Ангеловски и Игор Југ. Оливер Радулов од УБК доби 10 години затвор, Александар Василевски – Нинџа – 8 години, а припадникот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими, кој стана познат во јавноста како човекот што го спаси Зијадин Села, беше осуден на седум години затвор, затоа што тој му ги предава клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски Леви, кој беше шеф на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Дел од обвинетите негодуваа на пониската казна за Александар Василевски – Нинџа.

Oбвинетиот Влатко Трајковски, по изрекувањето на пресудата од 15 години затвор, извика „Аирлија нека е“.

Одбраната најави жалби на пресудата.

Обвинителството побара продолжување на притворот за оние што веќе се во притвор, но да им се определи притвор и на тие што досега се бранеа од слобода, поради опасност од бегство.

Ќосето, Ченто и Југ сакаат да останат во притвор

Најголем дел од обвинетите се противеа на предлогот на обвинителството за изрекување притвор, велејќи дека се семејни луѓе и дека нема да ги жртвуваат имотите на роднините и пријателите со кои гарантираат дека нема да бегаат. Но дел од нив рекоа дека сакаат да останат во притвор. Осудениот Јане Ченто рече дека тој бил вратен во притвор поради службена белешка од полицаец кој лажел и затоа сега нема ни да бара пуштање од притвор.

„Не се плашам од затворот, вие нè осудивте, историјата ќе нè ослободи. Еден ден ќе огрее сонцето на слободата. Да живее Република Македонија“, рече Ченто, што беше дочекано со аплауз во судницата.

„Јас барам да си остане мерката притвор. Супер си се чувствувам во Шутка со другарчињата, а и така немам пари да си одам до Велес, зашто не успеав да крадам, така што супер си се чувствувам, ќе си останам во Шутка“, рече Горанчо Ангелов- Ќосето.

„Со што јас би ја платил својата слобода, ќе му дресирам кучиња на Виктор Орбан“, рече Игор Југ, завршувајќи го своето излагање со усташкиот поздрав „За дом спремни“.

Во меѓувреме, Обвинителството за организиран криминал отвори истрага за организаторите на насилствата од 27 април, во која се опфатени поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и Никола Бошковски од УБК, кој е во бегство во Грција. Осомничен е и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Од првично обвинетите 33 луѓе, 15 обвинети претходно побараа и добија амнестија, според Законот за амнестија што го донесе Собранието, постапката против Сашо Марковски беше раздвоена, 16 денеска беа осудени, а еден ослободен од одговорност.

Амнестирани беа пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои гласаа за промена на името, но и Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои не гласаа. Амнестија добија и водачите на движењето За заедничка Македонија, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Дурловски не сакаше амнестија и инсистираше на суд да ја докаже својата невиност.

ВМРО-ДПМНЕ: пресудата е производ на неправда

За ВМРО-ДПМНЕ денешните пресуди се резултат, на како што велат, политички монтиран процес и се производ на неправда.

На прес конференцијата во седиштето на партијата генералниот секретар Игор Јанушев рече дека пресудата е нарачана.

„Јасно е дека драконските казни се последица на политички процес во пресрет на изборите. Ние сме држава во која убијци на малолетни деца како што е случајот со Смилоковското езеро се на слобода, а луѓето од 27 април се судат за терористи", изјави Јанушев.