ОДИХР и официјално ја започна набљудувачката мисија на претстојните претседателски избори, која ќе се состои од главен тим од 11 експерти и 18 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата држава. Дополнително ОДИХР ќе побара од земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи кои ќе пристигнат неколку дена пред првиот круг од изборите закажани за 21 април. Корин Јонкер, која ја предводи мисијата, истакна дека ова се 18-ти избори кои ги набљудува ОДИХР во земјата.
Видете и ова: Аномалиите на претседателската кампања„Нас не нè интересираат резултатите од изборите, туку квалитетот, праведноста и непристрасноста на процесот каде кандидатите ќе имаат еднакви можности, а гласачите ќе уживаат еднакви и универзални права на глас. Сакаме гласањето да биде тајно и безбедно, а резултатите да бидат избројани и да бидат објавени чесно и транспарентно“, рече Јонкер.
Според неа, важно е да се разбере дека улогата на ОДИХР е да набљудува и да поднесе извештај за процесот на избори, а не да се мешаат или да нудат помош. Тие, како што порача, ќе обезбедат непристрасна проценка на избирачкиот процес врз основа на строги критериуми.
„Нашите наоди, согласно препораките ќе се однесуваат на самиот процес и на условите на процесот, а не на натпреварот меѓу различните политички актери и интереси“, додаде таа.
На прашањето кој е ставот на ОДИХР за тоа што мислат за избирачкиот список и дали тој е прочистен, Киара Кастеладо од набљудувачката мисија истакна дека ќе имаат експерти кои ќе го проверуваат списокот и гласачите.
Мисијата ќе ја оценува усогласеноста на изборите со обврските на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство. Набљудувачите ќе ја следат регистрацијата на гласачите и кандидатите, активностите на кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива, нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови, како и медиумското покривање на кампањата.
На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на избирачките ливчиња и сумирањето на резултатите.