Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков денеска е осуден на 3 години затвор за примање награда за противзаконито влијание во случајот „Титаник 2“ на СЈО, кој се однесува на изборните нерегуларности во 2013 година. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој беше обвинет за злоупотреба на службена положба и овластување е осуден на 3 години и 2 месеци. За истото кривично дело, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими е осуден на 4 години и 6 месеци, а неговите поранешни колеги, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по 3 години затвор.
„Злоупотреба на службена положба и овластување и за примање награда за противзаконито влијание“ гласеше обвинението против поранешни членови од Државната изборна комисија кои, како што посочи во завршните зборови обвинителката Фатиме Фетаи, незаконски поништиле гласање во три струмички избирачки места по наредба на Мијалков и на Тачи. На обвинителна клупа со нив седеа Ибраими, Сајкоски, Срцев и Стефанова кои против законски му овозможиле на кандидатот за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев да ја продолжи изборната битка во втор круг.
„Поништувањето на трите избирачки места е всушност резултат на егзактна математичка пресметка на партијата ВМРО-ДПМНЕ за да има прегласување по првиот круг за градоначалник на општина Струмица. Членовите на ДИК всушност, не биле државни функционери кои треба да обезбедат законита верификација на легитимната волја на гласачите, туку се грижеле за реализација на партиските цели, макар и со флагрантно кршење на Изборниот законик, изјави пред судот обвинителката Фетаи.
Таа во завршните зборови посочи дека тие направиле кривично правен атак врз изборниот систем.
„Со своето реално влијание и несомнена моќ во партијата, државата и општеството во целина, настапува обвинетиот Сашо Мијалков кој го искористил своето реално влијание спрема обвинетиот Мендух Тачи за истиот да го поттикне претставникот на ДПА во ДИК да гласа за уважување на приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица, а за сметка на тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го подржи приговорот на ДПА за општина Чаир, односно како тоа би звучело со речникот на обвинетиот Мендух Тачи „ќе гласаш за да се поништи пошто сме договорени за Чаир, ајде“, рече Фетаи во судницата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Мијалков е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а другите за злоупотреба на службената положба и овластување.
Анета Стефановска, една од обвинетите во случајот „Титаник 2“, како член на Државната изборна комисија во својот завршен збор видно вознемирена и расплакана ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека секогаш работела по закон.
„Тоа гласање не оставило некаков впечаток, дури и не се сеќавам како сум гласала, бидејќи секогаш сум гласала по закон и по сопствено убедување. Еве тука се сите, нека каже некој дали ми влијаел како да гласам“, рече Стефановска.
Адвокатот Елвир Исени, бранител на обвинетите Мендух Тачи и Бедредин Ибраими бараше ослободителна пресуда за своите клиенти затоа што од изнесените докази, според нив, не се докажа кривичното дело што им се става на товар на обвинетите.
„Обвинението се потпира на снимени разговори, доказ прибавен на незаконит начин. Ова не е доказ на кој може да се заснова пресуда. Симптоматично е дека не се предложени и изнесени и други разговори меѓу други членови на комисијата,“ рече Исени.
Според кривичниот законик, за останатите обвинети ,според обвинението, е можна казна затвор од најмалку три години. Мијалков е обвинет и во предметите Трезор каде се товари за проневера на речиси милион евра државни пари за набавка на опрема, како и во Тортура каде што е обвинет за нечовечно апсење на поранешниот министер Љубе Бошковски.
Најголемиот предмет на СЈО во кој Мијалков е обвинет за аферата прислушување која во 2015 година предизвика политичка криза е Таргет-Тврдина. Овој предмет се однесува на уништената опрема за прислушување и нелегалното масовно прислушување на над 20 илјади луѓе. Во овој предмет е обвинет за злосторничко здружување и злоупотреба на службена должност. Мијалков помина неколку месеци во затворски и куќен притвор за истрагата на СЈО именувана како Империја каде се сомничи за перење пари.