СДСМ ја потврди кандидатурата на Пендаровски

Стево Пендаровски - кандидат за претседател на СДСМ.

СДСМ ја потврди кандидатурата на Стево Пендаровски за претседателските избори. Делегатите на партијата на денешниот 23. Конгрес во хотелот Александар Палас со 712 гласови „за“ од вкупно 783, го потврдија изборот на Пендаровски за кандидат за претседател.

Ми дадовте огромна политичка одговорност, рече Пендаровски пред делегатите на СДСМ заблагодарувајќи се поддршката. Тој истакна дека особено му е драго оти за прв пат во независна Македонија зад неговата кандидатура застануваат три партии на етнички албанци.

„На 21 април и на петти мај, нема да се решава за нечија политичка кариера, тоа ќе биде најмалку битно. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели: членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политичкли претставници кои ги надминуваат веконите етнички линии на поделба“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека на петти мај немаат друга опција и алтернатива, освен да победат. Пендаровски претходно денеска се обати и пред членовите на Централниот комитет на ДУИ, каде рече дека Македонија треба да покаже дека е способна и има капацитет да спроведе кристално чисти избори, за што треба да се ангажираат сите капацитети: институциите, граѓаните, а најмногу политичките лидери.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев на почетокот на Конгресот изјави дека партијата треба да го потврди Стево Пендаровски за кандидат за пртеседател. Тој додаде дека Пендаровски е кандидат за претседател на сите граѓани и дека е личност со интегритет и со темелно политичко и професионално искуство.

„Стево е потврда на концептот едно општество за сите во напредна евроатлантска Република Северна Македонија. Знам дека како претседател на сите граѓани на нашата земја, својата сила ќе ја влече и од сите наши граѓани, а не само од оние кои ќе го дадат својот глас за неговата победа“, изјави Заев.

Изборот на Пендаровски за заеднички претседателски кандидат беше потврден и од Централниот совет на ДУИ. Отааму соопшттија дека носителите на изборниот легитимитет – ДУИ и СДСМ заедно со други политички партии се согласиле за заеднички кандидат за претседател.

„Поради тоа Централниот совет го прифати и концептот за консензуалност и предлогот за Стево Пендаровски како заеднички кандидат за претстојните претседателски избори“, наведуваат од ДУИ.

Стево Пендаровски пред Конгресот доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на 31 политичка партија од коалицијата предводена од СДСМ.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера изјави дека зад изборот на Пендаровски стои Заев, односно дека премиерот „на деспотски начин го одбра кандидатот.“

„Пред јавноста правеше реално шоу, некакви конкурси, но на крај пресече деспотот, го донесе својот поданик“, иајави Мицкоски.

Пендаровски беше кандидат за претседател на изборите во 2014 година, кога загуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов кој освои околу 130 илјади гласови повеќе.

Премиерот Зоран Заев тогаш како опозициски лидер веднаш по затворањето на избирачките места изјави дека не го признаваат изборниот процес поради малверзации, измами и притисоци и побара техничка влада.

Во трката за претседател ќе учествува и професорката Гордана Силјановска – Давкова, која е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. На претседателските избори во април ќе се обидат да учествуваат и поранешниот директор на Државниот архив Фили Петровски и поранешниот амбасадор Блерим Река кој ќе биде подджан од Алијанса за Албанците и од БЕСА, додека пратеникот Амди Бајрам изјави дека ќе ја повлече кандидатурата и ќе му даде поддршка на Пендаровски. Рокот за собирање на потребните 10 илјади потписи е до 9 март.

Кандидатите до Државната изборна комисија треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 март, а изборната кампања треба да почне на први април.