Дали СДСМ и ДУИ се скараа поради имунитетот на Вељаноски?

Собраниска комисија за мандатно-имунитетни прашања.

СДСМ денеска ја бојкотира работата на Собранието и бара одговори од Џафери за седницата на која се расправаше за имунитетот на Вељаноски.

Пратениците на СДСМ денеска не учествуваа во работата на Собранието, а претседателот на Парламентот Талат Џафери ги откажа пленарните седници без образложение зошто.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески кратко време по објавата од кабинетот на Џафери за откажаните седници побара одговори од него зошто вчера ја прекинал седницата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски.

„Во Собранието денес нема услови да продолжат останатите активности. 27 април е крвав настан, а неговите организатори мора да одговараат. Јавноста бара одговори дали се калкулирало синоќа или не, а претседателот на Собранието Талат Џафери треба да одговори”, рече Митрески.

Одговорајќи на новинарско прашање како ќе продолжи понатаму соработката со ДУИ како владин коалициски партнер, Митрески рече дека ќе ги почекаат одговорите од Џафери па ќе донесат одлука.

Во меѓувреме многу нејасни прашања остануваат за постапките на Собранието поврзани со одземање на имунитетот Вељаноски, коментираат дел аналитичари.

Видете и ова: Во тензична атмосфера прекината седницата за имунитетот на Вељаноски

Меѓу нив прво се посочува гласањето во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. По жестоката расправа која траеше два дена гласањето на крај беше изедначено, па се поставува прашањето дали недостигала подобра координација меѓу претседателот на комисијата Павле Богоевски и останатите пратеници за да се почека да пристигне заменичката на разболениот член од ДУИ. Богоевски денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук го посочи Џафери како човек што го злоупотребил Собранието и го заштититил организаторот на случувањата од 27 април од притвор.

Инаку според деловникот на Собранието, Комисијата со која што раководи Богоевски е должна во рок од два дена откако парламентот го добил писмото од судот за притвор, да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на тој извештај Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето. Ова би значело дека рокот за одлука истече на полноќ, бидејќи Кривичниот суд барањето за притвор до парламентот го достави во четвртокот.

Непознато докрај останува ишто се случуваше на викенд пленарната седница, која по неколку одложувања заврши по кратката расправија меѓу пратениците, без собранискиот спикер Талат Џафери да даде образложение.

„Ситуацијата во секој случај е нејасна и треба нешто да значи. Судејќи по реакциите на социјалните мрежи партиите ќе имаат некакви последици поради ова. Мислам дека пратениците треба да се надминат себе си и некои свои лични анимозитети да не ги презентираат во салата оти на крај граѓаните се тие што се оштетени”, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири, кој и последен влезе во конфликт со Џафери, реагираше на социјалните мрежи инсинуирајќи дека постои договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и нивниот владин партнер ДУИ.

„Талат Џафери и ДУИ треба да објаснат на јавноста зошто го спасија нивниот побратим Трајко Вељаноски?! Го спасија за да ги “спаси” некогаш ВМРО нив или ? Народот вели: “ Во секое ЗЛО за добро” ... Јавноста уште еднаш го виде вистинското лице на оваа политичка партија”, напиша Зеќири.