Во последните денови од меѓупартиските консултации за заеднички кандидат за претседател на државата, од владејачките партии остануваат затворени за детали. Од СДСМ велат дека се уште не се зборувало за конкретни имиња на кандидати и информираат дека за денеска не се планирани нови меѓупартиски средби. На досегашните средби на партиската делегација предводена од премиерот и нивни лидер Зоран Заев, со лидерите на ДУИ, Беса, Алтернатива и ДПА, биле презентирани широки истражувања за поддршката на политиките и концептот за заеднички кандидат, додаваат од владејачката партија.
Процесот, велат од СДСМ, се очекува да заврши најдоцна до идниот петок, односно непосредно пред конгресот закажан за трети март на кој треба да го изберат нивниот кандидат. И од ДУИ, исто така, не коментираат ништо за евентуални имиња кои би биле прифатливи за нив, а засега јавно само партискиот претседател Али Ахмети рече дека не е добро решение Заев да се кандидира за претседател.
Од владејачката структура неофицијално остануваат најчесто да се споменуваат имињата на министерот за надворешни работи Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски. За шефот на дипломатијата, во дел медиуми на албански јазик, се објавуваат текстови за поддршката која додека беше амбасадор во Холандија му ја давал на поранешниот хашки осуденик Јохан Тарчуловски, а се тврди и дека бил против Охридскиот рамковен договор, со што се прави обид да се портретира како неприфатлив за албанскиот електорат.
Самиот Димитров на прашањето каков е ставот на ДУИ за евентуалната негова кандидатура не дава конкретен одговор. Тој во интервју за Радио Слободна Европа, што во целост ќе го емитуваме в недела, вели дека останува фокусиран на неговата работа, поврзана пред се со спроведувањето на Договорот од Преспа и односите со официјална Софија.
„Според моето искуство, ефектот е 80 отсто личност, 20 отсто позиција. Дали таа личност ќе биде од оваа канцеларија или од онаа канцеларија, или од која било друга,јас ќе дадам се од себе, нашата генерација, не тие што се само со мене родени, туку сите што сме сега активни да ја поминеме линијата на сигурност и да и дадеме барем пристојна шанса на следната генерација”, вели Димитров.
Во меѓувреме, кандидатот на опозицијата Гордана Силјановска Давкова, најчесто во своите изјави инсистира на темата името и Договорот од Преспа, чиј потписник е Димитров, па очекувањата се дека истакнувањето на лошите страни на спогодбата со Грција ќе биде еден од главните адути на вмровскиот претендент за позицијата.
„Мислам дека главната тема на претседателските избори треба да биде иднината на нашата земја. Како до подобар живот за нашите граѓани, како да не се мислиме што ќе биде со нас, дали ќе не биде и тука ќе се судрат двата наративи, едниот на надежта и другиот на стравот”, вели Димитров.
Тој во интервјуто наведува и дека дека има многу квалитетни луѓе за кандидати за претседател, додавајќи дека било многу е важно владата во идниот шеф на државата да има принципиелен партнер.