Главната вест во сите медиуми, Независен ја објавува на насловната страница во печатеното издание: „Уапсени Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски – Дојде редот на организаторите на 27 април“. Нова Македонија оди со наслов: „Приведен поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски“ и „Обвинителството гони пет лица како организатори на настаните од 27 април“. Весникот го објавува и соопштението во кое, покрај другото, информира дека „осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта и за таа цел и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред ДИК, а потоа и протестите на движењето ’За заедничка Македонија‘ кои кулминираа со насилно влегување во Собранието“.
Видете и ова: Обвинителството не открива детали, Груевски бара доказиНезависен објави дека веќе постојното барање за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски, кој избега и доби политички азил во Унгарија, и кој е еден од петтемина нови осомничени во истрагата на државното Обвинителство, ќе биде проширено со барање за екстрадиција и за случувањата за 27 април 2017 година за кои е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Освен веста за приведувањето на тројцата функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Вечер и Слободен печат ја објавија и изјавата на Вељаноски: „10 години сум бил претседател на Собранието, каков организатор, срамота“.
Порталите на Вечер, Независен и Слободен печат исто така објавија: „Кривичниот суд одлучи: Притвор за Ристовски и Јанакиески“. Независен, како и електронските изданија на другите печатени медиуми, објави дека Вељаноски по распитот си заминал дома бидејќи се повикал на пратеничкиот имунитет.
Сите електронски изданија го цитираат и актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од прес-конференцијата по приведувањето на тројцата високи личности од неговата партија. „Се апсат луѓе врз основа на изјави на сомнителни лица“ – наслови Нова Македонија. Вечер објави наслов со порадикална поента од неговата изјава: „Мицкоски: Апси Заев, можеш да нарачуваш и убиства, но нема да ти се уплашиме“. Независен го цитира Мицковски дека„Вељаноски, Ристовски и Јанакиески не се виновни“.
Видете и ова: Вељаноски и Груевски - осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредокПечатените медиуми го објавуваат и писмото со честитки од американскиот претседател, Доналд Трамп, до премиерот Зоран Заев. „Северна Македонија е голем партнер на САД, честитки за храброто лидерство“ – наслови Нова Македонија, а Вечер го цитира претседателот Трамп каде што вели: „Се радуваме што ќе можеме да ве пречекаме како наш 30-ти сојузник во НАТО“. „Трамп до Заев: Договорот од Преспа – најисториско достигнување на Балканот по Дејтонскиот договор“, пренесува Независен дел од писмото од претседателот Трамп.
Независен исто така објави дека од пред неколку дена македонските граѓани влегуваат во Грција само со пасош и печатот „Република Северна Македонија“ и дека „ливчињата одат во историјата“. Вечер, пак, ја пренесува ТВ Телма која информира дека нејзина екипа не била пуштена да влезе во Грција со новиот печат и дека им било побарано пополнување на белите ливчиња.
Вечер предничи со вестите за вработувањата роднини и блиски од страна на членови и пратеници на ДУИ, СДСМ, но и на некои одметнати пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: „Синот на Тахир Хани и шурнајката на министерот Бектеши се вработија во ЕЛЕМ“, „Сопругата на директорот на ЕЛЕМ стана шефица на кабинет во Централен регистар“, „Свекрвата на Нола Исмајлоска Старова поставена за директорка на основното училиште ’Јан Амос Коменски‘ - Нема крај на непотизмот“. Независен наслови: „Мира Дизел и ДУИ не се откажуваат од државните цуцли по најавата на премиерот Заев дека дел од роднините на функционерите ќе се откажат од државните вработувања“.
Од политиката слабо се забележуваат ваквите вести: дека, на пример, „Дишеме канцероген воздух – Скопје на второ место на листата најзагадени градови во светот, веднаш по главниот град на Бангладеш, Дака“.
И, „Здружението за заштита на животните ’Анима мунди‘: Масовно труење на кучиња во Пехчево, активни се само комуналните служби кои ги закопуваат уште живи“. Двеве вести ги читаме во Вечер.