Ципрас: Нема да се повлечеме од Договорот од Преспа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ципрас го пофали премиерот Заев за храброста

Грчкиот премиер Алексис Ципрас му честиташе на македонскиот премиер Зоран Заев за одобрувањето на уставните амандмани потребни за промена на името. Тој ја изрази и неговата волја да се бори за договорот во грчкиот парламент.

Премиерот Ципарс оцени дека Грција долго време бараше промена на уставното име на Македонија и оти тоа сега е сторено со прифаќањето на уставните амандмани од страна на македонското собрание.

„Ве молам, дозволете ми, во овој момент, за првпат по Договорот во Скопје, да му честитам на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, за храброста што ја покажа од самиот почеток до крајот на овој процес“, рече Ципрас.

Грција и Македонија во јуни минатата година постигнаа договор за промена на името во Северна Македонија. За возврат, Грција ќе ги укине нејзините забелешки за приклучувањето на земјата во НАТО.

„По 23 години, нашата соседна земја го остави зад себе своето преодно име, името што беше решено во привремениот договор од 1995 година. Го остави зад себе името Поранешна Југословенска Република Македонија. Но, најважното нешто што таа го остава зад себе е нејзиното уставно име, кое го признаа повеќе од 130 земји во светот, вклучувајќи ги и најважните како САД, Русија, Кина и други. Од вчера нејзиното официјално и уставно име е Република Северна Македонија, што е она што Грците го бараа толку многу години. Композитно име, со географска идентификација, кое ќе се користи во сите прилики, внатре во соседната земја и во странство“, рече Ципрас.

САД изразија поддршка за приклучување на Македонија во НАТО и во Европската унија откако договорот ќе стапи на сила.

„Овој Договор е историски. Ние го кажавме тоа. Исто така, тој е корисен за нашата земја. Ние исто така го кажавме тоа. Она што сакам да додадам е уште еден поим: патриотски. Зошто? Бидејќи вистинскиот патриотизам не ги мрази другите народи, или вашите соседи“.

Сега претстои грчкиот Парламент да го ратификува овој Договор. Опозициската „Нова демократија“ најави дека ќе гласа против, а грчкиот министер за одбрана Панос Каменос поднесе оставка по што е Ципрас побара за гласање за доверба на неговата влада.

„Исто така, сакам да доставам порака до грчкиот народ, особено на оние што размислуваат здраво и слободно, и покрај нивните политички ставови. Ние нема да се повлечеме од овој договор на ист начин како што не се повлекоа и тие“.

Германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ во денешниот коментар пишува: „Мала Балканска земја добива ново име кое е малку поразлично од старото, но со овој акт почнува нова ера. Ќе биде голема грешка доколку овој договор, толку важен акт на помирување, пропадне.

Според весникот, ако тоа се случи грчката конзервативна партија „Нова демократија“ ќе ја има одговорноста за таквиот неуспех, бидејќи очигледно е позаинтереирана да победи на слединте избори отколку да му помогне на премиерот Алексис Ципрас во историскиот компромис.