Иванов: Од заробена станавме уценета држава

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов го одржа своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

Од таканаречена заробена држава, чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор нè уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите, рече претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред Собранието.

Претседателот Ѓорге Иванов рече дека одлуките за помилување што тој ги донесе пред две години биле за да спречи хаос во државата, а одлуката за амнестија донесена пред неколку денови е, како што вели, за да се озаконат уцените со кои се создава хаос и се руши правната држава. Иванов денеска имаше новогодишното обраќање во Собранието. Од таканаречена заробена држава, станавме уценета држава, рече тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Говорот на Иванов - анти народен или политички зрел?

„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава“, рече тој, додавајќи дека го потпишал законот за амнестија, за, како што вели, да ги разоткрие намерите на власта.

Видете и ова: Претседателот Иванов индиректно го поддржа Преспанскиот договор

„Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците, со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир“, рече претседателот Иванов.

УДБА е таа што контролира

Иванов за настаните од 27 април во Собранието, повторно рече дека немало сценариото за воена состојба. Тој како виновник ја посочи УБК. Вели дека има информации оти има усна наредба за негово следење, за следење на неговото семејство и на соработниците.

Видете и ова: Иванов - УБК е генератор на кризите

„Тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори, но, по сè изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи. Уште минатата година зборував дека УБК е жариште на политички, институционални и безбедносни кризи. Наместо да ги спроведува законите, УБК работи надвор од својот законски мандат. Ова е последица на една голема заблуда. Секоја партија што доаѓа на власт мисли дека ќе може да ја контролира УБК, за на крајот да сфати дека УБК е таа што контролира. Кога чуваат чуварите и кој ќе не чува од чуварите“, праша Иванов.

Власта да смогне сила и да го отфрли Договорото со Грција

Претседателот Ѓорге Иванов се надева дека ова парламентарно мнозинство, како што вели, ќе смогне сили да го отфрли Договорот со Грција за името и ќе ги отфрли амандманите за промена на Уставот.

„Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам“, рече Иванов во новогодишното обраќање во Собранието.

Тој последен пат се обраќа како Претседател, оти за неколку месеци му завршува мандатот. Иванов рече дека сè уште е рано да даде отчет за сработеното, оти како што вели, до последниот ден на функцијата ќе го брани, она на што го ветил кога дал заклетва како Претседател, да го брани суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици.

Претседателот Иванов рече дека и со Владата и со Собранието соработувале на повеќе прашања, но за многу работи имало суштински важни причини поради кои кохабитацијата е ставена на тест, а тоа се, како што рече, Преспанскиот договор, слободното толкување на Договорот со Бугарија и Тиранската платформа. Зборувајќи за Преспанската спогодба, Иванов рече Договорот е донесен без национален консензус, без негово знаење и без негова согласност.

„Загрозено е правото на народот на самоуправување. Референдумот беше неуспешен и со тоа народот се изјасни против наметнати и штетни решенија. Со тоа народот порача дека никој нема право да тргува Народот го одбрани своето право на постоење и самоопределување“, рече Иванов.

Видете и ова: Македонија - Бугарија: Политика на решенија, а не на проблеми

​Иванов вели дека сегашната власт се обидела да го разврзе македонскиот јазол по секоја цена. А македонскиот јазик, како што рече, ѝ служел на власта како монета за поткусурување.

Кога зборуваше за Договорот со Бугарија, ја праша власт од каде ѝ е аверзијата кон историјата.

„Тврдите дека народот живее во минатото и сакате да го однесете кон иднината, но сакате колективните сеќавања да ги цензурирате“, рече Иванов.

Пратеници негодуваа и дофрлуваа

Спомнувањето на Тиранската платформа и Законот за јазиците предизвика негодување кај дел од пратениците, кои почнаа да дофрлуваат на говорот на Иванов.

„Законот за јазици го крши уставот, и ако се донесе, ќе предизвика многу проблеми во спроведувањето“, рече Иванов.

Тој вели дека можности секогаш постојат, и дома и надвор, а како што вели сегашната власт сè што направила, направила наопаку.

„Ќе потсетам дека прво се побара поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопшти дека всушност гласале за Тиранска платформа и грчка спогодба. Прво се донесе закон за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија. Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како Претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум. Власта прво се согласи на промена на Уставот, а дури потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратениците“, рече тој.

Тој вели дека и како Претседател, и порано како професор стои на ставот дека за земјата нема други перспективи освен ЕУ и НАТО. ЕУ ќе донесе просперитет, а НАТО безбедност за Македонија, вели Иванов.

„Но мора да ги решиме проблемите, не само да чекаме да ни ги отворат вратите. И да се отворат вратите, остануваат железните решетки од реформите, тие се долг и напорен процес“, вели тој.

Правдата сè уште е слугинка на моќта

Зборувајќи за реформите рече дека правдата сè уште е слугинка на моќта, а губењето на вербата во правдата е губење на врската меѓу граѓанинот и државата.

Дел од својот говор посвети и на економија, велејќи дека со новата власт имало надеж за подобро, но тие ги повторуваат истите грешки што порано ги критикувале – корупција, непотизам. Погрешните чекори ги разочаруваат граѓаните кои очекуваа подобар живот, вели тој.

За загадениот воздух рече дека тој е чист само е кога си на власт, а загаден кога си во опозиција.

Зборуваше и за реформи во образованието, здравството, за одлевањето на млади од Македонија. Потсети дека неколку години наназад повикувал на помирување, на дијалог и соработка за надминување на политичката криза.

„Да ме послушавте тогаш, можеби денес ќе имавте помала одговорност. Но, ви реков, и затоа одговорноста за оваа најтешка состојба на Република Македонија од независноста до денес е ваша. Се потпираме на меѓународната заедница и се надеваме дека таа ќе ги извојува битките за нас. Но, заборавивме дека битките во кои други се борат за нас не не трансформираат. Нас не трансформираат и не прават подобри само оние битки што ние самите ги биеме“, рече тој.

По говорот, Иванов доби аплауз само од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.