Трамвај наречен (пуста) желба

Зоран Ќука - новинар

Овие студени деновиве додека се „тискам“ наведнат во кинескине автобуси абер дојде од Петре Шилегов. Речиси сите градоначалници на Скопје ветуваа Трамвај, ама ако Петре не прејде како и претходниците, освен што е прв СДСМ овски градоначалник на главниот град, ќе биде последен од оваа партија за долго, долго време.

На 9 октомври 2013 година Прашкото претпријатие за јавен превоз воведе таканаречен комуникациски вагон во рамките на метро линијата „А“. Идејата беше во него да се возат оние кои би сакале да се запознаат да разговараат со нивните сопатници. Така тогаш соопшти градскиот превоз, а пражаните овој вагон, најблаго речено, си го нарекоа вагонот на љубовта. Е сега не знам колку патници влегле, се запознале, се вљубиле и се развеле од тогаш, но на вагонот во прашкото метро ме потсети актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Тој, како и сите негови претходници, најавува дека Скопје ќе добие трамвај и дека во 2019 ќе почнела изградбата на трамвајска линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

„Злата Праха“ како што Чесите од љубов си го нарекуваат нивниот главен град се гордее со фактот дека има Трамвај од 1875 година. Тогаш трамвајот се влечел со коњи по шини кои се предвесник на пругите и првиот електричен трамвај е воспоставен во 1891 година. Но, градските власти започнале сопствен превоз на патници во 1897 год., а во 1907 година градот ги откупи сите пруги и возила од приватните превозници. Да ја скратиме приказната факт е дека 857 трамвајски возила во 2017 превзеле 360 милиони патници во Прага што е најмногу во светот, по Москва и Будимпешта.

Чесите како лидери во овој бизнис одамна беа заинтересирани да учествуваат во градбата на евентуалната трамвајска мрежа во Скопје, веројатно не можејќи да сфатат дека во Македонија не значи по дифолт дека ветеното ќе биде и сторено. Едно време се зборуваше и дека сакале да му понудат на Скопје постари и поевтини модели трамваи како подарок.

Нејсе, град Скопје во соработка со збратимениот град Загреб од јануари 2018 работел врз техничко решение за изградба на првата фаза на трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Решението било изготвено и, како што вели Шилегов, во 2019 се очекува да стартува реализацијата на овој капитален проект за Скопје, кој ќе го помогнела и Владата. Според првичните проценки, изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра.

Да видиш да не веруваш!

Најавите за трамвај на бившите градоначалници на Скопје постојано се повторуваа од секој нов градски татко кој на почеток ќе најавеше физибилити студија, ќе фрлеше во ветер наши пари за нејзина изработка, а потоа таа ќе фаќаше прав во нечија фиока. Не знам колку вакви студии се направени и колку пари се потрошени, но со секој нов градоначалник ја слушавме истата приказна. Дури како новинари правевме анкети со граѓани за тоа што мислат за идејата за Трамвај. Тие не мамеа, ние си молчевме.

Овие студени денови пак кога се „тискам“ наведнат во кинескине автобуси најпрвин се чувствувам јадно, а потоа со секоја следна станица и заглавување на семафор, како повратник скопјанец добивам мисли кои не се споделување. На крај излегувам една станица порано од што треба со мислата за тезата на моите сограѓани што упорно ја одбивав со години, дека демек „не нè бивало и тоа е тоа и крај“. Очигледно е дека оваа теза има длабоки корени за се што ни се случува, а што се однесува до најавата за трамвај во Скопје само да се потсетиме дека станува збор за безвременско рекордно ветување и чекање - верувале или не!

Зошто сега да му се верува на Шилегов?

За изградба на трамвајска линија граѓаните гласаа и на референдум уште додека беа жители на СФРЈ, кон крајот на осумдесеттите години. Проектот потоа го актуализираше градоначалникот Трифун Костовски, кој беше на чело на градот од 2005 до 2009 година, а најавуваше дека првиот трамвај ќе тргне по скопските улици во мај 2009 година. Потоа и градоначалникот Коце Трајановски во 2012 година најави дека идната година ќе почне изградбата на трамвајска линија. И ништо од тоа.

Зошто сега да му се верува на Петре Шилегов и на СДСМ која застана со соопштение зад овој проект на градоначалникот истовремено напаѓајќи ги претходниците дека немаат право да зборуваат за аеро загадувањето на Скопје бидејќи како што наведоа - „ВМРО-ДПМНЕ со своите погубни и криминални политики го загрози зеленилото и животната средина и свесно го игнорираше проблемот со аерозагадувањето, меѓу другото и преку укинувањето на евтината тарифа на струјата и поскапувањето за 100 отсто на електричната енергија принуди илјадници домаќинства да преминат на нееколошки начини на загревање, а одговорност во енергетиката има и Христијан Мицкоски кој бил советник за енергетика на Никола Груевски и директор на АД ЕЛЕМ“. Во соопштението натаму се наведува дека Владата предводена од СДСМ, градот Скопје и надлежните институции вложуваат максимални напори во решавање на проблемот со загадувањето преку проектите за гасификација и капиталниот проект за унапредување на јавниот превоз што го најави град Скопје и кој ќе го намали загадувањето од издувните гасови.

Кога сè ќе се земе во предвид јасно е зошто најавата за Трамвај во Скопје е примена со доза на неверување и одбивност на социјалните мрежи. Не дека некој не сака таа дамнешна пуста желба да се оствари туку после толку лажење е тешко за верување. Токму затоа ако и ова излезе голема шарена лага разочарувањето ќе биде толку големо што Петре Шилегов освен што е прв СДСМ - овски градоначалник на Скопје, ќе биде и последен за долго, долго време.