Медиумите се занимаваат со судските работи

Новата зграда на Кривичен суд во Скопје.

Предлогот на СЈО за поблага казна за Мијалков, Камчев, Јанакиески..., Законот за амнестија и барањата да се амнестираат инволвираните за 27 април, писмото на Бејли до судовите, се топ темите со кои се занимаваат медиумите.

Радоста се чини траеше кратко. Тамам порталите на печатените медиуми ја објавија веста дека Владата донела одлука „Втори јануари да биде неработен ден за администрацијата, со препорака истото да биде прифатено и од приватниот сектор“, пристигна и онаа дека 2 јануари сепак ќе се одработува некој друг ден.

И следната вест најавена како ексклузивна во Слободен печат го привлекува вниманието: „МПЦ-ОА предлага да го избрише ’македонска‘ за да биде признаена“. МПЦ испратила писмо до Вселенската патријаршија во Цариград во кое побарала и свое преименување во „Охридска и на Јустинијана Прима архиепископија“, а приемот на писмото го потврдиле во Вселенската патријаршија.

Порталот на истиот весник објавува уште една интригирачка вест: „Мијалков, Камчев, Јанакиески и другите осомничени и во притвор по барање на СЈО излегуваат од Шутка“. Слободен печат додава дека причината за ваквата одлука од Скопска Единица, барем официјално, не се знае, но се претпоставува дека зад одлуката се криел политички договор меѓу власта и опозицијата.

Нова Македонија и другите весници обавија дека „Амнестија побараа осомничени, обвинети и осудени“ за предметот за 27 април. Збунувачки момент за јавноста, пишува весникот, се поднесените 57 барања за амнестија иако се обвинети 33 лица со што се отвора прашањето за опсегот на амнестијата, која е креирана да биде селективна, односно да им ја одземе можноста за помилување на организаторите на настаните и на оние што извршиле насилство. Повеќе правни експерти сметаат дека Законот за амнестија е некакво политичко решение, но кое се носи откако ќе има правно потврдена ситуација, односно пресуди за делото, а не во моментот додека се водат судските постапки, навдува Нова Македонија. Независен оваа информација ја донесе со наслов: „Бараа правда, па се задоволија со амнестија“. Истиот весник наслови: „Судир меѓу Џолев и Кацарска: Никој не сака да одлучува за амнестијата“. Претседателот на Основен суд Скопје 1, Иван Џолев, на брифинг со новинарите оценил дека надлежен за предметите за кои веќе има пресуда е Кривичниот совет, а за оние што се во тек, како што е судењето за 27 април, надлежност има Судечкиот совет, односно судијката Кацарска.

Со наслов „Бејли до судиите: Не се вадете на мене кога пресудувате и определувате притвор“, Вечер и Нова Македонија информираат за писмото што американскиот амбасадор Бејли го испратил до претседателот на Основен суд 1, Џолев, министерката за правда, Рената Дескоска, до претседателите на Апелација, на Судскиот совет и на Врховниот суд. Во писмото амбасадорот Бејли наведувал дека е разочаран од секојдневните информации што доаѓале до него дека судии носеле пресуди и одлуки за притвор под диктат на Амбасадата на САД.

Електронските изданија на печатените медиуми ја објавија и веста дека „Заев нема да се кандидира на претседателските избори“.