Барање за амнестија поднеле 27 лица од 33 обвинети за настаните на 27 април во Собранието, информира претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, на брифинг со новинарите. Подоцна Основниот суд Скопје 1, преку соопштение, информираше дека денеска до 15 часот, во судот биле пристигнати вкупно 62 барања согласно Законот за амнестија, од кои 27 во одделението за Организиран криминал и корупција и 35 во одделот Кривично полнолетни. Рокот од пет дена за поднесување барања истекува денеска ан полноќ.
Судот треба да го донесе решението во рок од пет дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од законот, а по претходно прибавено мислење од надлежниот јавен обвинител. Во предметот 31 лице е обвинето за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Досега извесно е дека амнестија ќе добијат обвинетите пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов и двајцата вработени во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, според најавите на обвинителката Вилма Русковска која го води случајот.
„Од овој закон јасно е дека се амнестирани на пример пратениците, двајцата обвинети од кабинетот на поранешниот претседател на собранието Трајко Вељаноски. Според тоа како е сега законот, за сите останати ќе се одлучи во ЈОРМ“, изјави Русковска во интервју за емисијата 360 степени.
Видете и ова: Тимоние - Искрени преговори, а не реципрочна амнестија меѓу мафијашиРускоска порача и дека организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, не треба да бидат амнестирани. Но, не ја исклучи таквата можност.
„Не се опфатени организаторите. Тоа е мое лично мислење. Не значи дека така ќе остане и до крај“, посочи Русковска.
Петтемина пратеници се обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале тие со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието.
Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Владо Јовановски од иницијативата „За заедничка Македонија“ се обвинети дека со потпалувачки говори ги повикале граѓаните да влезат во Собранието. Дурловски на Фејсбук соопшти дека нема да бара амнестија и дека ќе се бори да ја докаже неговата невиност. Јане Ченто и Игор Југ на едно од рочиштата исто така се изјаснија дека нема да бараат амнестија.
Претходно седум лица беа осудени на затворски казни од 10 до 13 години за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, а двајца беа осудени за насилство.
Апелацискиот суд Скопје во јуни ги преиначи условните казни за девет лица за учество во толпа за време на настаните од 27 април минатата година, во казна ефективен затвор. Највисока казна доби Димче Ристовски – Жабата и изнесува една година и шест месеци, седуммина добија казни во траење од една година, а едно лице е осудено на осум месеци затвор.
Според законот, не може да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања.
Претседателот Ѓорге Иванов во четвртокот, минатата недела го потпиша указот за прогласување на законот за амнестија. Со официјалното објавување на законот во Службен весник, тој стапи во сила.