Поддржувачи на Каталонската независност од Шпанија веднаш по дочекот на новата 2018 година ги славеа резултатите од регионалните избори, одржани на 21 декември 2017 година. Претходно, прогласувањето на независноста на регионот не успеа откако Мадрид наметна директна власт и ја разреши владата предводена од Карлес Пучдемон, кој избега во егзил. Другите лидери беа затворени под обвинение за бунт и злоупотреба на позициите.
Вооружен напаѓач уби 17 лица и повреди повеќе од десетина други во пукањето во средното училиште „Маџори Стоунмен Даглас“ на Флорида, на 14 февруари. Пукањето беше причина за појавување на студентското движење наречено „Марш за нашите животи“, како и на широката кампања за измени на законите за поседување оружје во Соединетите Држави.
На 4 март Сергеј Скрипал, поранешен полковник во руската воена разузнавачка служба, кој предаде десетици агенти на британската служба MИ6 и неговата ќерка Јулија, беа пронајдени без свест на клупа во британскиот град Солсбери, отруени со нервен гас. Британија ја обвини Русија за труењата и го идентификуваше отровот како Новичок, смртоносен нервен гас развиен од советската војска во 1970-тите и 1980-тите. Русија постојано негира каква било вмешаност во нападот. Сојузниците и САД застанаа на страната на Британија за нападот и наредија најголемо протерување на руски дипломати од Студената војна. Русија се одмазди со протерување западни дипломати.
Рускиот претседател Владимир Путин убедливо победи на изборите на 18-ти март, продолжувајќи го своето владеење во најголемата држава во светот за уште шест години.
„Во ова гледам, во најмала рака, признание за она што е направено во изминатите неколку години во многу тешки услови. Во ова гледам доверба и надеж, надеж кај нашиот народ дека ќе продолжиме да работиме исто толку интензивно, само подговорно, па дури и поефикасно. Ви благодарам што имаме таков моќен, мултимилионски тим на членови. Не чека успех“, изјави Путин.
Соединетите Држави, Франција и Британија на 14 април истрелаа 105 проектили, врз три објекти за хемиско оружје во Сирија, во знак на одмазда за наводниот напад со отровен гас во сирискиот град Дума на 7 април. Претходно, видео објавено на социјалните медиуми покажува како луѓе, вклучувајќи и неколку деца, се лекуваат со инхалатори и вода во една клиника за итни случаи во Дума.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 8 мај рече дека САД ќе се повлечат од меѓународниот договор од 2015 година за ограничување на способноста на Техеран да дојде до нуклеарно оружје. Трамп смета дека договорот имал недостатоци, бидејќи не вклучува ограничувања на балистички ракети или на иранските регионални активности. Тој најави дека е подготвен да направи нов договор со Техеран.
„Секоја нација која му помага на Иран во потрагата по нуклеарно оружје, исто така, може да биде силно санкционирана од САД. Америка нема да биде заложник на нуклеарна уцена“.
На 14 мај САД ја отворија својата амбасада во Ерусалим. Церемонијата на отворање беше во американската конзуларна зграда. На церемонијата присуствуваа ќерката на претседателот Трамп, Иванка и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, исто така висок советник во Белата куќа. Овој потег следи по одлуката на Трамп во декември 2017 година за прекин на децениската политика на САД и признавање на Ерусалим како главен град на Израел. На неколкунеделните протести потоа беа убиени повеќе од 40 Палестинци.
Италија одби да дозволи влегување на хуманитарен брод кој превезуваше повеќе од 600 мигранти на 10 јуни и побара тоа да го направи Малта. Новиот италијански министер за внатрешни работи Матео Салдини, кој е лидер на екстремно десничарската Лига, вети дека ќе се погрижи за неговите изборни ветувања за запирање на протокот на мигранти во земјата. Шпанскиот премиер Педро Санчез понуди да го преземе бродот.
Претседателот на САД Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, се ракуваа на историскиот самит во Сингапур на 12 јуни. Целта на состанокот беше да се постават темелите за прекин на нуклеарниот ќор сокак меѓу непријателските земји. Во заедничката изјава потпишана на крајот од нивниот состанок се ветува дека ќе работат на целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров, додека Вашингтон се заложи да обезбеди безбедносни гаранции за Северна Кореја.
Дванаесет тајландски момчиња на возраст од 11 до 16 години и нивниот фудбалски тренер беа заробени во една поплавена пештера на 23 јуни. Тие беа безбедно изнесени од планинскиот пештерски комплекс Там Луанг, во близина на границата со Мјанмар, меѓу 8-ми и 10-ти јули, по опасна операција за спасување која привлече глобално внимание на медиумите и стотици новинари на местото на настанот.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика сојузниците да трошат повеќе за одбраната на самитот на НАТО на 11 и 12 јули. На состанокот зад затворена врата Трамп им даде ултиматум на европските сојузници, предупредувајќи ги дека не трошат повеќе за одбраната.
„Но јас сум загрижен, бидејќи Германија е заробена од Русија, бидејќи добива толку многу енергија од Русија. Значи, треба да ја штитиме Германија, но тие ја добиваат својата енергија од Русија“.
Претседателот Доналд Трамп по разговорите со неговиот руски колега Владимир Путин во Хелсинки одби да ја обвини Русија за мешање на изборите во 2016 година, велејќи дека Путин бил „силен и моќен“ во неговото одбивање на овие тврдења. Трамп:
„Претседателот Путин беше исклучително силен и моќен во неговото негирање денес и она што тој го направи е неверојатна понуда“.
Шумски пожар го зафати малиот туристички град Мати на околу 29 километри источно од Атина, во источна Грција на 23 јули. Притоа загинаа 96 луѓе. Тоа беше најсмртоносен шумски пожар во Грција од оној во август 2007 година што уништи дел од полуостровот Пелопонез.
Вијадукт на автопатот во северниот италијански град Џенова пропадна на 14-ти август, при што загинаа 43 лица. Станува збор за дел од патот од 200 метри кој падна од досега неразјаснети причини. Некои велат дека тој бил дотраен. Владата го обвини операторот на автопатишта на Италија за сериозни пропусти за уривањето на вијадуктот.
Пристигнувањето на неколку илјади централноамериканци во граничниот град Тихуана во октомври и ноември во Мексико го поттикна американскиот претседател Доналд Трамп да ја мобилизира американската армија за да ја зајакне безбедноста на границата. Трамп почна поригорозно да го ограничува бројот на барања за азил кои се прифаќаат дневно.
Најсмртоносниот шумски пожар во Калифорнија започна на 8 ноември. Стихијата ја збриша планинската населба Перадајс околу 175 милји северно од Сан Франциско, каде што живееја повеќе од 27.000 луѓе. Во Калифорнија, според Калифорниското Министерство за шумарство и противпожарна заштита, годинава имало над 7 ипол илјади пожари при што изгореа околу 1.667.855 хектари шума.
Три украински поморски бродови на 25 ноември беа запленети од Русија во близина на полуостровот Крим во теснецот Керч. Овој потег на Русија доведе до прогласување едномесечна вонредна состојба во Украина и низа други потези кои, според експертите, претставуваат уште еден повод за разгорување на конфликтот меѓу двете земји.
Владата на францускиот претседател Емануел Макрон се најде под тензии откако најави зголемување на данокот на гориво за следната година. Тоа доведе до протести на „жолтите елеци“ низ цела Франција, кои страхуваат дека тоа ќе ги зголеми трошоците за живот. Администрацијата на Макрон се бори да го смири гневот кој беше изразен и преку најголемите немири во централниот дел на Париз во изминативе пет децении.