Потписот на Законот за амнестија и ТВ дуелот - најкоментирани

Потписот на Иванов на Законот за амнестија и анализата зошто премиерот Заев не прифаќа дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, предизвикале најмногу коментари на социјалните мрежи.

Информацијата дека претседателот Ѓорѓе Иванов, со тоа што го потпиша Законот за амнестија, всушност индиректно го поддржа Преспанскиот договор, повеќето посетители на нашата ФБ страница ја коментираат со жалење. За многумина за потписот се виновни медиумите. Бобан Ончески, на пример, напишал: „Еве, сите провладини медиуми и портали се радуваат, топ тема, хехе“, а и Бобан Андрески за медиумите: „Јаки креатори медиумиве...“ Вангел Танчаров смета дека претседателот морал да потпише, цитирам, „под таков невиден притисок и уцени, во него ни беше надежта, ете и последната надеж згасна!“ Роки Шкупи подбивно и „загрижено“ постирал: „За него кој ќе потпише да го амнестираат....“

Обвинителката Вилма Русковска смета дека амнестијата ќе ги спасела Мукоски, Василевски, Тарчуловски..., а Дамовски, Бетмен, Дурловски не ги исполнувале условите. Горан Костов на тоа одговара: „Само тие што треба да гласаат, браво“. За Никола Макацоски тоа е „Брука за македонското судство“, а Марјан Ѓоѓески му реплицира: „Не е брука за судството, туку брука за македонскиот парламент“. Рубин Николоски мисли дека тоа е „Амнестија само за предавниците на Македонија“, а потпишан со Зоро Зорозоро со иронија: „Ааа, браво... удри пак по самарот... и изгласаа уште привилегии за криминалците во Собранието“. Вики Раденлиева коментира: „Оваа смешна комедија само во МК може да се случи и да се гледа“.

Нашата анализа зошто премиерот Заев не прифаќа дуел со Мицкоски го инспирирала Мирко Георгиевски да коментира со своето мислење: „Затоа што 11 години власта и режимот не сакаше ни под разно ТВ дуел. Сè се враќа, сè се плаќа“. За Агуш Ахмеди „Заев е господин премиер и не прифаќа дуели со терористи“, но Валита Хефнер Киедис не сака да ги слуша и двајцата, „Фала за дуелот, не мора“, вели. Ацо Петковски налутен: „Мицкоски мисли народот пасе трева, зошто Груевски не излезе на дуел претходно, се знае – тоа што сееш тоа и ќе жнееш“.

А тоа дека ВМРО-ДПМНЕ во февруари ќе избира кандидат за претседател на државата, Аседин Изеири го искоментирал кратко и подбивно: „Фикусот повторно“. „Веќе 28 години овој народ е на чекање, а тие прават преговори за лични бизниси“ – гласи коментарот на Фатмир Ајрули по изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции, Руфи Османи дека очекува во 2019 година Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. И другите постови се негативни. Оливера Трпческа напишала: „Нека чека“, а Алев Иса: „Англија излезе дур влезете вие“. „Гладна кокошка просо сонува“, постирал Борче Каралиоски, па додал: „Такви никакви за никаде не сте!... Кога сите наоколу ви мавтаат со вето пред нос вие се правите луди и мислите дека ќе одите некаде. Тоа е чист апсурд кој нема да се случи во догледно време!“