Земјоделците не се заштитени, ниту доволно едуцирани и обучени да се соочат со предизвиците и опасностите во работата на земјоделските површини. Најчесто има злоупотреба на детскиот труд, ракување и несреќи со земјоделската механизација и во прашање е улогата на жената во земјоделството. Во земјоделството најмногу се забележува експлоатацијата на детскиот труд, каде во три-четири часот наутро може да се видат деца како берат тутун, копаат, ораат, па и возат трактори, изложени на временските услови, без соодветна заштита. Дел од децата управуваат со земјоделската механизација која во добар дел не е исправна и често со дефекти каде може да дојде до несакани последици, со смрт.
Статистичките податоци од страна на МВР, покажуваат дека од 2013 до 2017 година во сообраќајни несреќи со трактори настрадале 48 деца, од кои две загинале. Во истиот период се случиле 271 несреќа со потешки последици поради грешка на возачите на трактор.
Од оваа причина, здружение Достоинствен работник во партнерство со веб порталот ИнфоКомпас од Прилеп го реализираат проектот: „Превентивна култура за безбедност и здравје при работа кај земјоделците во Прилеп и Пелагонискиот регион“ со поддршка од Европската унија преку грантова шема на Македонско здружение за заштита при работа. Целта на проектот е да се подобрат стандардите за безбедност и здравје при работа и подигање на свеста на земјоделците во пелагонискиот регион, преку воспоставување на соработка со институциите и државниот инспекторат за труд за зајакнување на капацитети на работниците во земјоделскиот сектор.
Се констатира дека земјоделците не прават здравствени прегледи, институциите немаат увид во повредите, заболувањата и болестите, а Инспекторатот за труд и Институтот за јавно здравје не прават доволно контроли за тоа кој ги обработува земјоделските површини, непријавувањето на работници кои работат преку сезона, со еден збор се појавува работа на црно каде државата треба да презема активни и превентивни мерки.
Во Република Македонија се уште нема донесено Закон за земјоделска механизација, но таа се спомнува во повеќе законски акти како Законот за заштита на растенија, во Законот за атест и хомологизација, но погоренаведениот закон не постои кој ќе треба да ги предвиди сите последици кои треба да ги спречат како резултат на нејзиното користење, што значи лице кое нема положено, нема да може да ракува со погонската механизација. Начинот на полагање и возење трактор е сосема различно од управување со автомобил.
На крај би потенцирал дека е потребно да има меѓусебно институционално здружување со граѓанскиот сектор, агросиндикатите, за поголемо внимавање и давање информации и едукации на земјоделските работници преку одржување на обуки, трибини, работилници со цел заштита при употреба на земјоделската механизација и соочување со предизвиците и опасностите во нивната работа на отворено.