Достапни линкови

Силно светнал ден


Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во здружението Достоинствен Работник
Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во здружението Достоинствен Работник

Македонскиот работник сè уште страда од нефункционални синдикати, замрзнати институции кои нецелосно ја согледуваат ситуацијата во заштита на правата на работниците, работодавачи кои го бркаат својот профит, нефункционално судство, нелојална конкуренција, зголемена сива економија и недоволно едуцирана администрација, пишува активистот Рубинчо Аризанкоски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пред 80 години, на 4 април 1938 година, со одлука на синдикалното раководство, монополските работници од Прилеп организирале штрајк на чело со Борка Велески – Левата (1912-1942). Бил вреден работник и мајстор, во НОВ бил командант на прилепскиот партизански одред „Димитар Влахов“. Пред управата на монополот биле изнесени три барања и тоа: зголемување на надниците на сите работници за 20 проценти, укинување на режимот на казните и подобрување на условите на работа. Во обидите на полицијата да ги спречи штрајкувачите да демонстрираат, низ градот доаѓа до судири во кои биле повредени тројца работници и еден жандарм, а 50 работници биле затворени. Штрајкот траел 7 дена, а управата на монополот (сегашен Тутунски комбинат АД Прилеп), гледајќи дека ако продолжи штрајкот, ќе претрпи големи штети, ги прифатила барањата на штрајкувачкиот одбор, и со тоа штрајкот завршил, а работниците се вратиле на работа. Песната „Тутуноберачите“ од Кочо Рацин ја опишува маката на вредниот работник во производството на жолтото злато (тутунот). Во денешно време, со развојот на технологијата во земјоделството, станува полесен начинот на производство на тутунските производи.

Да, тие се бореле за своите права и на тежок начин ги добивале. Но, што со денешниот работник во 21 век, тој е роб на работодавачите од утро до доцна вечер. Работа по 16, 20 часа кои не се никаде евидентирани според законските регулативи и прописи. Безбедноста при работа не се почитува од страна на работодавачите. Па, што правиме ние? Зарем не може да погледнеме малку назад и да се огледаме на храбрите работници од монополот во Прилеп и на други работници кои со пот и солидарност ја дигнале главата за своите права, макар и да загинат, но имале јасна цел за укинување на казните од режимот и подобрување на условите за работа. Браво!

Денес, македонскиот работник сè уште страда од нефункционални синдикати, замрзнати институции кои нецелосно ја согледуваат ситуацијата во заштита на правата на работниците, работодавачи кои го бркаат својот профит, а не трудот на работниците, нефункционално судство, нелојална конкуренција, зголемена сива економија, недоволно едуцирана администрација и така сите јадеме чоколада наместо леб. Во Македонија сè уште владее стравот на работникот кој не смее ни збор да каже настрана за својот работодавач за да не го избркаат од работа. Ќе работи и по 24 часа ако треба само да не биде казнет. Работниците во Македонија, независно од дејноста, ја виткаат својата кичма пред работодавачите за минимална плата од 12 илјади денари. Жално и срамно! Но, ако! Тоа и така ќе биде сè додека не се разбудат синдикатите, а народот ни замине надвор од својата земја за подобар достоинствен живот и работа. Кога се ветува пред народ, тоа е исто како да си му ветил на Бог!

Како граѓански активист понекогаш се прашувам, што ли му се случува на нашиот работник. Дали тоа е до незнаење за своите права или некои други не сакаат многу да се едуцира работникот. Но, сепак секој човек има право на информација, образование и работа. Како граѓански активисти од областа на трудот мора да продолжиме кон едуцирање на работниците во сите дејности - од градежништво па до земјоделство. Понекогаш велам дека е добро секој граѓанин/работник да биде дел од граѓанска организација или синдикат со цел зајакнување на капацитетите и отворање можности за соработка и промовирање на социјален дијалог со донесувачите на одлуки во општеството или во локалните заедници.

Како активист во здружение Достоинствен Работник, потенцирам дека во локалната заедница станува препознатливо преку одржување на едукации и помош од областа на работничките права, безбедност и здравје при работа за работниците од текстилната и земјоделската индустрија. Достоинствен Работник преку проектот Институционална поддршка – Унапредување на механизмот за заштита на правата на работниците во локалната заедница кој е поддржан од Фондација Отворено Општество – Македонија отвори можност за работниците да ги пријавуваат неправилностите на работодавачите кои произлегуваат од Законот за работните односи, Законот за минимална плата, Законот за безбедност и здравје при работа, Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, Колективен договор на ниво на гранка (за текстилна, кожарска и чевларска индустрија) и поединечниот колективен договор.

Почитувани работници, мора да соработуваме и да ја покажуваме работната солидарност со цел заеднички да ги зајакнуваме капацитетите на граѓанските организации, синдикатите и институциите за подобрување на статусот на работниците во текстилната, земјоделската и друга индустрија. Затоа што сите ние сме работници во оваа земја и мора да ги унапредуваме правата на работниците, затоа што на работодавачите им светнал денот само за профит, но нам мора уште појако да ни светне денот и да се разбудиме затоа што за Нас се работи и за семејството.

Среќни Велигденски празници!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG