Претседателот Иванов индиректно го поддржа Преспанскиот договор

Претседателот Ѓорге Иванов

Политичките аналитичари не се изненадени од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да го потпише указот за законот за амнестија. Одуката според нив не била лесна, но во овој момент е прагматична и корисна за сите граѓани, уверуваат тие.

Претседателот Ѓорге Иванов го потпиша указот за прогласување на законот за амнестија. Со официјалното објавување на законот во Службен весник, тој стапи во сила. Тоа значи дека веќе тече рокот од 5 дена во кој ,според законското решение секој од осомничените, обвинетите или осудените ќе треба сам да побара амнестија во рок од пет дена, а Судот и Обвинителството ќе имаат рок од исто така од пет дена за да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не. Во предметот, обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Политичките аналитичари не се изненадени од одлуката на првиот човек на државата, иако во јавноста се отвори дилемата дали тоа ќе се случи имајќи предвид дека законот за амнестија се донесе во функција на спроведување на Преспанскиот договор, кој пак од друга страна, претседателот Иванов одби да го потпише.

Иако кохабитацијата на претседателот со актуелната влада не е на завидно ниво, за политичкиот аналитичар Насер Зибери овој потег на Иванов е очекуван.

“Поголемиот дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го гласаа истиот и затоа мислам дека не е дисонантно неговото однесување во односот на законот. Тој не се грижи за Преспанскиот договор, туку е во директен судир со неговите поддржувачи и симпатизери, зошто сите обвинети за настаните се членови на ВМРО-ДПМНЕ од каде што тој ја црпи поддршката, а најголемиот дел од нив се надева на амнестија или целосно помилување,” вели Зибери.

Поранешниот претседател на собранието Тито Петковски вели дека одлуката воопшто не му била лесна, пред се, поради неподдржувањето на договорот од Преспа од едната страна и моралната одговорност кон луѓето од ВМРО-ДПМНЕ да им помогне од друга страна. Иванов, според Петковски, од една страна бил под притисок на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ коишто се опфатени со овој закон, а од друга, под притисок на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое исто така ги осуди луѓето кои го поддржаа договорот и се сега предмет на амнестијата.

“Државниот интерес во овој момент налага такво прагматично решение, односно луѓето да бидат навистина амнестирани за да го поддржат договорот од Преспа како основна претпоставка за НАТО и ЕУ. Тој самиот (Иванов) се заплетка во внатрешно-партиските интриги и интереси и затоа во минатото правеше големи грешки и како претседател и како човек, вели Петковски.

Соработката меѓу претседателот Иванов и актуелната власт е проследена со многу несогласувања за актуелни политички прашања, а во прилог на тоа говори и фактот што за време на мандатот на владејачките СДСМ и ДУИ, претседателот Иванов не стави потпис на законот за јазиците и на договорот од Преспа.

Инакоу пред три дена македонското собрание по скратена постапка со 95 гласа „за", без против и воздржани го донесе законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Согласно законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.