Достапни линкови

Медиумите за последиците од амнестијата врз правниот систем


Собранието на 27 април 2017.
Собранието на 27 април 2017.

Медиумите пишуваат за законот за амнестија и анализираат како тој ќе се одрази на правниот систем. Тие јавуваат и за посетата на американскиот заменик државен секретар Џон Саливан на Македонија, а информираат и за посетата на премиерот Зоран Заев на Брисел.

„Амнестијата ги закопа судот и обвинителството“. Со овој наслов Независен ја донесува информацијата која се чини ја бранува правосудната јавност. Весникот додава дека јавната обвинителка Вилма Русковска, не сака да го коментира новиот закон и дека темелно ќе го анализира кога ќе стапи во сила.

Електронските изданија на печатените медиуми ја пренесуваат и изјавата на судијката Добрила Кацарска која смета дека во фаза на предистражна постапка „не требаше да се носи ваков закон и сметам дека е донесен предвреме“.

Независен ја наведува и изјавата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која смета дека Законот ќе има влијание врз судот и јавното обвинителство, но дека не сака да коментира нешто што не е во нејзин домен. Изјавата на Јанева ја пренесува и Слободен печат. Од друга страна, „ЕК смета дека Законот за амнестија е важен чекор кон помирување и надминување на поларизацијата“, наслови Нова Македонија информирајќи дека со 95 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за амнестија за настаните на 27 април лани. Во информацијата се додава дека амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица што ги прекршиле службените овластувања.

Вечер и другите весници ја пренесуваат и изјавата на порпаролот на Владата дека „Целта на Законот за амнестија е помирување, нема мешање во судството по никаква основа“. Како реакција на Законот за амнестија, Слободен печат и Вечер го пренесуваат постот на Уранија Пировска од Хелсиншки комитет: „Власта си ја презема улогата на делител на правда и со тоа ги премина границите до каде може да оди во практикувањето на својата моќ. ’Ќе си лежите!‘ Кој ќе лежи? Типот што украде ќебапчиња!“, постирала Пировска.

Посетата на заменик-државниот секретар на САД, Џон Ј. Саливан на земјава, печатените медиуми ја одбележаа со наслов: „Потврдена поддршката на САД за членство на Македонија во НАТО“, како што наслови Вечер, заедно со информацијата дека Саливан се сретна со координаторите на пратеничките групи на Собранието и претставници на партиите.

Печатените медиуми информираат и за посетата и средбите на премиерот Зоран Заев во Брисел со високи функционери на ЕУ, во рамките на престојот на лидерите од Западен Балкан во главниот град на Белгија. „Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот помеѓу Белград и Приштина“ – го цитираат печатените медиуми премиерот Заев по средбата со претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

По официјалната номинација на премиерите Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир за следната година од страна на делегацијата на чело со нобеловката за 2015-та, Уидад Бушамауи, грчкиот европратеник, Стелиос Колуглу, ректорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин и сопственикот на ФОН, Сефер Цаноски, премиерот Заев изјави: „Иницијативата за Нобеловата награда е мотивација повеќе за успешна завршница на договорот со Грција“, објавија Вечер, Слободен печат и другите портали на печатените медиуми. Слободен печат ја пренесе и изјавата на Сефер Цаноски по приемот кај грчкиот премиер: „Ципрас со задоволство ја прифати номинацијата за Нобеловата награда за 2019 година“. И како куриозитетна вест на Вечер: „Клиниката за уво, нос и грло набави современа опрема по 15 години“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG